Фреска на св. Климент и св. Наум Охридски мироточела во Бугарија

Необичен настан го одбележа чествувањето на светите Новоселски маченици во Новоселскиот манастир „Св. Троица“ во Априлци, северна Бугарија. За време на Божествената света Литургија, фреската на светите Климент Охридски и Наум Охридски започнала да мироточи, што предизвикало силна возбуда меѓу присутните верници – известува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Мнозина го прифатиле случувањето како духовен знак токму на денот кога Бугарска православна црква го чествува споменот на Новоселските маченици — жртвите на едно од најкрвавите злосторства за време на Априлско востание, чија 150-годишнина се одбележува во 2026 година.

Жителите и гостите на Априлци се собрале во манастирот за да им оддадат почит на загинатите за слободата на Бугарија и да ги почитуваат мачениците, чии мошти денес се чуваат во храмот на светата обител. Во манастирот бил извршен водосвет и била отслужена свечена света литургија.

На 9 мај 1876 година, Новоселскиот манастир „Св. Троица“ станал сцена на жестоко крвопролевање. Османлиските потери упаднале во светата обител и ги убиле свештениците, монахињите и мирјаните кои таму нашле засолниште. Меѓу нив биле свештениците Никола Барбулов и Георги Д’лгодрејски, монахињите Сузана Сомлева, Софија Павкова, Елисавета Злијска, Ефросинија Мофтиева, Христина, Калиста и Катерина, како и мирјанката Сузана Чорбаџиева.

Поради нивната саможртва и маченичка смрт, тие биле канонизирани за светители од страна на Светиот синод на Бугарската православна црква на 3 април 2011 година, заедно со жртвите од Баташкиот масакр.

„За луѓето кои денес присуствувале на богослужбата, мироточењето на фреската претставувало длабоко духовно доживување и симбол на жива меморија, вера и надеж. На денот посветен на мачениците, чудото потсетило на силата на молитвата и на непрекинатата духовна врска меѓу минатото и сегашноста“ – пишува БГНЕС.

Извор: https://www.bgnes.bg/chudo-v-aprilci-stenopis-na-sv-kliment-i-sv-naum-eleotochi-v-denq-na-novoselskite-machenici