Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј на 3 септември годинава, во просториите на Патријаршијата во Белград, заедно со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Браничевски г. Игнатиј, член на Светиот архијерејски синод на Српската православна црква (СПЦ), го прими Високопречесниот пастор д-р Џери Пилеј, генерален секретар на Светскиот совет на црквите, придружуван од д-р Андреј Јефтиќ, директор на Комисијата за вера и поредок на Светскиот совет на Цркви.
Соговорниците отворено и конструктивно разговараа за различни аспекти на меѓуцрковните односи и актуелните предизвици со кои се соочуваат Црквите на глобално ниво. Патријархот Порфириј изрази благодарност до Светскиот совет на црквите за она што го прават за мирот и меѓухристијанската соработка, за доброто на сите народи. Генералниот секретар го увери поглаварот на Српската православна црква за континуираната поддршка и солидарност на Светскиот совет на црквите. На средбата беше потврдена потребата од натамошен развој на меѓусебните врски, основани уште во времето на Светиот Владика Николај Охридски и Жички, со цел зајакнување на меѓухристијанската солидарност, на духот на заедништвото и продолжеток на соработката при соочувањето со различните општествени предизвици на нашето време.
Генералниот секретар особено се осврна на тешката ситуација во Косово и Метохија и изрази солидарност за сите тешкотии и несреќи што ги доживеа српскиот народ и неговата црква во блиското минато. Тој истакна дека Централниот одбор на Светскиот совет на црквите одлучил да ја посети СПЦ во 2023 година како дел од иницијативата „Поклоничко патување за правда и мир“, а во контекст на тешката ситуација во која се наоѓа СПЦ Косово и Метохија. Во таа насока, Патријархот Порфириј потсети дека досега двапати добил забрана за влез на територијата на Косово и Метохија, иако тој не е вклучен во политички дијалог, а подеднакво Му се моли на Спасителот за сите народи на Косово и Метохија.
На прашањето на пасторот Пилеј како Светскиот совет на црквите може да ѝ помогне на СПЦ во надминување на проблемите, патријархот Порфириј рече дека прават сè што можат, но не зависи сè од нив, но и тоа дека се упорни да ја сведочат реалноста која ја живеат: „Како Црква даваме сè од себе. Ги знаеме нашите ограничувања и нашите капацитети. И ние сме скромни во врска со тоа.“ Тој понатаму ја истакна потребата Црквата да се сосредоточи на својата духовна мисија, а не да се вклучува во дневно-политички прашања.
Светејшиот Патријарх рече и дека е добредојдена секаков вид поддршка, бидејќи за решавање на овие прашања неопходна е поддршката од меѓународната заедница која понекогаш недостасува, а особено е важно Светскиот совет на црквите да се залага да се обезбеди меѓународна платформа за дијалог.
На средбата присуствуваа: Викарниот Епископ Новобрдски г. Иларион, Архимандрит Нектариј, главен секретар на Светиот архиерејски синод; Протоереј Ѓорѓе Стојисављевиќ, шеф на Кабинетот на српскиот патријарх; г. Никола Мутавџиќ, референт за меѓуцрковни работи на Светиот архиерејски синод и г-ѓа Оливера Јовановиќ, главен уредник на „Православље“ – весникот на Српската патријаршија.
Во текот на денот, делегацијата на Светскиот совет на црквите ги посети Музејот на СПЦ и црквата Свети Сава на Врачар, каде што пасторот Пилеј оствари средба со професори и студенти на Богословскиот факултет во Белград.
Првиот ден од посетата на генералниот секретар на Светскиот совет на цркви заврши со отворање на изложбата „Светскиот совет на црквите и Српската православна црква (1948-1991)“, во свечената сала на Светосавскиот дом во Земун. Изложбата, основана на документарен материјал, официјална кореспонденција, фотографии и плакати, ја подготви Архивот на СПЦ со цел да биде сведок на повеќедецениската суштинска и корисна соработка на Српската патријаршија со Светскиот совет на црквите.