Традиционално, на почетокот на септември се одржува годишна средба на монасите и монахињите на Полската Православна Црква. Оваа година, на 3 и 4 септември, претставници на манастирите беа гости во манастирот „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Звирки. Главна тема на средбата беше: „Ликот на старецот Ефрем Филотејски како обновител на монашкиот живот на Света Гора Атон и основач на манастири во САД и Канада“.
Средбата започна со молебен, на кој началствуваше архимандритот Петар, намесник на манастирот „Свети Онуфриј“ во Јаблечна. Во олтарот се молеа поглаварот на Полската Православна Црква Неговото Високопреосвештенство, Варшавскиот и на цела Полска митрополит Сава, Неговото Преосвештенство, Белскиот епископ Григориј, како и поканетиот гостин јеромонах Ефрем (Пунан), игумен на манастирот „Свети Петар“ во Монтана и ученик на светиот старец Ефрем Филотејски.
По кратката молитва во храмот, кон собраните монаси и монахињи се обрати митрополитот Сава. Тој срдечно ги поздрави сите и му заблагодари на Бога што уште еднаш им овозможи на сите да се сретнат. Архијерејот ја истакна улогата на монаштвото во денешно време. Тој нагласи дека тоа е тежок пат, но пат кој му носи очистување на светот: „Молитвата на монахот мора да биде ревносна и тој треба да го исполнува својот призив, така што зраците на духовното сонце да паѓаат врз сите што го опкружуваат“.
Предавачкиот дел започна со излагањето на отец Ефрем, кој во првиот дел ги запозна сите со биографијата на својот старец, познат во целиот духовен свет – Ефрем Филотејски. Во вториот дел раскажа неколку случки од неговиот живот, кои го покажуваат дарот на духовната прозорливост и големото смирение на претставениот монах. По излагањето на отец Ефрем следуваа прашања, на кои предавачот се обиде да одговори во духот на исихазмот, во кој бил воспитуван од својот старец.
Второто предавање го одржа монахињата Надежда од манастирот во Звирки. Таа ја приближи спецификата на светогорската духовност на старецот Јосиф Исихаст, во која израснал старецот Ефрем Филотејски. Потоа збор зеде архимандритот Владимир од манастирот во Саки и зборуваше за улогата на старецот Ефрем во процесот на обновување на монашкиот живот на Света Гора Атон во втората половина на XX век, врз примерот на манастирите Филотеј, Костамонит, Ксиропотам и Каракал. Последното предавање го одржа игуменијата Катерина од Залешани, која зборуваше за предизвиците и плодовите од приспособувањето на атонскиот типик кон условите на современа Северна Америка и Канада.
Оваа година средбата се одржа по 27-ми пат, известува сајтот на Полската православна црква. За следната година монасите и монахињите на Полската православна црква планираат средбата да ја посветат на светите Силуан Атонски и Софрониј Есекски.
Старецот Ефрем (Мораитис), познат и како Ефрем Филотејски и Ефрем Аризонски, е роден во 1928 година во грчкиот град Волос. Во 1947 година заминал на Света Гора и станал ученик на старецот Јосиф Исихаст – еден од најпознатите духовни наставници на грчкото монаштво во XX век. По упокојувањето на Јосиф во 1959 година, Ефрем го продолжил монашкиот пат, а во 1973 година станал игумен на светогорскиот манастир Филотеј. Под негово раководство монашкиот живот во Филотеј значително заживеал. Подоцна Ефрем учествувал во обновувањето на уште неколку светогорски манастири, меѓу кои Ксиропотам, Костамонит и Каракал.
На крајот од XX век, старецот го пренел своето духовно искуство и надвор од Грција. По патувањата во Канада и САД, во 1990-тите години се преселил во Северна Америка. Во САД и Канада, со негово учество, биле основани бројни машки и женски монашки заедници. Особено, во 1995 година го основал манастирот „Свети Антониј Велики“ во Аризона, кој станал еден од главните центри на светогорската монашка традиција во Америка. Во текот на годините на своето служење, тој основал или духовно се грижел за околу дваесет манастири и монашки заедници во САД и Канада.
Извор: https://www.orthodox.pl/zwierki-miedzynarodowe-spotkanie-mnichow-i-mniszek/
