Голем дел од старокалендарска епархија се приклучува на Антиохиската Црква во Британија

По неколкугодишни дискусии, значителен дел од епархијата на една од старокалендарските цркви беше примена во Антиохиската Православна Црква, во нејзината Архиепископија на Британските Острови и Ирска. 

Во понеделник, на 10 февруари, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Силуан ја посети заедницата во Дамфрис, Шкотска, за да го прими Џејмс Кавендиш, поранешен викарен епископ на старокалендарската епархија на Британските Острови во Автономната православна митрополија на Северна и Јужна Америка и Британските Острови на Антиохиската Патријаршија, заедно со свештенството и верниците од епархијата. 

Овој прием уследи по две години на „интензивни и пријателски консултации“, известува Антиохиската Архиепископија. 

Во вечерните часови од посетата на митрополитот Силуан, во Црквата на Братството на Пресвета Богородица од Волсингам и Свети Нинијан беше отслужена вечерна богослужба, по што поранешниот епископ Џејмс и двајца искушеници беа повторно примени во канонската Црква преку миропомазание. 

За време на Литургијата наредниот ден, брат Џејмс беше ракоположен за ѓакон, а еден друг монах повторно беше примен во Црквата.

Во својата поранешна старокалендарска јурисдикција, епархијата богослужеше според западниот сарумски обред. Во разговор за OrthoChristian, ѓакон Џејмс објасни дека сега користат источен обред додека не добијат официјален благослов од Антиохискиот Синод за враќање на западниот обред. 

Според ѓакон Џејмс, епархијата се состои од две парохии и четири мисионерски центри со шест свештенослужители и околу 150-200 верници, кои речиси едногласно гласале за премин во Антиохиската Црква. 

Според веб-страницата на старокалендарската јурисдикција, нејзината Епархија на Британските Острови моментално се состои од една заедница.

Извор: https://orthochristian.com/167575.html