Грчката црква ги повикува младите да ѝ служат на црквата, a родителите да не ги спречуваат

Црквата на Грција ги повикува сите млади мажи „кои се наклонети кон мантијата“ да го послушаат повикот и да Му служат на Христа и на Неговата Црква. А родителите на таквите млади луѓе, Црквата ги моли да не го попречуваат стапувањето во службата.

Третата недела од Великиот пост – Крстопоклона, во Црквата на Грција е прогласена за недела на свештеничкиот призив. Светиот Синод по тој повод објави пастирско послание, во кое објаснува дека денот е за поривот и желбата „да се носи славата на Тајната на свештенството… Да се облече чесното расо, да се завиткаат во со крв обоената мантија.“

Господ стои пред секоја душа, тропајќи на вратата со Својот Крст за да „најде достојно чедо да се облече во светото свештенство“, пишува Синодот, а „неговите родители да му ја олеснат оваа желба“.

„Свештеникот е обдарен со духовен авторитет, благодарение на присуството на Утешителот, станувајќи Негова чесна облека и преобразувајќи се во осветена, исполнета со благодат, ракоположена личност“, пишуваат епископите.

„Ова особено го доживува оној што е ракоположен. Гледа како сè околу него се менува, добивајќи чуден и неопислив изглед. Буквално доживува преобразба додека свештенството останува во него, што го прави „избран сад“ (Дела 9, 15).

Така, свештеникот станува достоен да биде „жива Христова икона“ пред олтарот, според свети Максим Исповедник, поучува Синодот.

Изјавата завршува со повик и до родителите и до младите мажи: „Благословени родители, молиме во името на Распнатиот Христос, не му го попречувајте патот на вашето потомство кое сака да процвета служејќи пред Светата Трпеза! А вас, нашите млади момци, кои се чувствувате наклонети кон мантијата, ве молиме прифатете ја Христовата покана упатена преку нашиот глас и служете Му Нему, на Неговата Црква и на Неговиот народ!“

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_ellados/iera-synodos-na-ntythoun-to-aimatovammeno-agio-raso-ta-paidia-mas-pou-to-epithymoun-prosklisi-xristou-me-ti-foni-tis-ekklisias/ преку https://orthochristian.com/159472.html