Постојаниот Свет синод на Грчката православна црква ја потврди категоричната забрана свештениците да поседуваат и користат оружје, при што изречно нагласи дека исклучок не може да се прави ниту за лов. Одлуката доаѓа само неколку дена откако прашањето за правото на свештениците да поседуваат ловечко оружје беше поставено и во грчкиот парламент.
На својата седница на 9 и 10 септември, Светиот синод разгледа службено писмо од Министерството за образование, верски прашања и спорт во врска со поседувањето и употребата на оружје од страна на свештеници. Во одговор, Синодот одлучи да ја ажурира својата Окружна посланица бр. 244/155 од 21 јануари 2016 година и „изрично ја забранува можноста за употреба на оружје од страна на свештениците од која било причина“.
Непосреден повод за одлуката беше расправата што започна во грчкиот парламент. Пратеникот од владејачката „Нова демократија“, Андреас Николакопулос, избран од областа Илиас, му постави прашање на Министерството за заштита на граѓаните зошто на свештениците и понатаму им се оневозможува да добијат дозвола за поседување ловечко оружје и да учествуваат во законски лов. Пратеникот го постави прашањето и од аспект на уставните начела на еднаквост пред законот и слободен развој на личноста. Тој ја образложи својата иницијатива со состојбата во грчките рурални средини, каде што ловот има долгогодишна традиција. Според него, постојат свештеници кои сакаат да учествуваат во лов, притоа исполнувајќи ги истите законски услови што важат и за останатите граѓани.
Одговорот на Министерството за заштита на граѓаните, сепак, беше негативен. Заменик-министерот Јоанис Ламбропулос посочи дека важечката административна практика не дозволува православни свештеници и монаси да поседуваат и користат оружје и дека забраната изречно го опфаќа и ловечкото оружје.
Министерството се повика како на претходни мислења на Светиот синод на Црквата на Грција и на Црквата на Крит, така и на одлуката бр. 2569/1990 на грчкиот Државен совет. Одлуката на Државниот совет од 1990 година била донесена по жалба на архимандрит и игумен на манастир, на кого му било одбиено обновувањето на дозволата за носење револвер, побарана за заштита на манастирот.
Судот оценил дека дури и кога оружјето се бара со таква цел, неговото носење од страна на православен свештеник или монах е неспоиво со основното христијанско учење за љубовта и со црковните канони, кои им забрануваат на духовниците да прибегнуваат кон насилство. Поради тоа, според одлуката, државата може да одбие издавање дозвола за носење оружје на свештеници и монаси, без тоа да претставува повреда на начелото на еднаквост.
Сличен став и самата Црква на Грција има изразувано повеќепати. Во Окружната посланица од 2016 година, Светиот синод утврдил целосна забрана за поседување и користење оружје од страна на свештеници од сите степени, без исклучок за лов.
Како причини се наведуваат како неспоивоста на носењето оружје со свештеничкиот чин, така и опасноста свештеникот да стане виновен за човечка смрт и на тој начин да настанат тешки канонски последици за неговото свештенство. Забраната е определена да се применува не само на активните свештеници, туку и на сите свештеници, вклучително и пензионираните.
Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100724/catid,19/id,75292/view,article/
