Грчката влада со иницијатива за поддршка на хеленизмот ширум светот преку поставување на 600 свештеници во грчкојазичните патријаршии

Во петок, на 31 јануари 2025 година, под претседателство премиерот Киријакос Мицотакис се одржа седница на Владата, на која министерот за образование, верски прашања и спорт, Киријакос Пиеракакис, предложи законодавна иницијатива за формирање на систематизирани работни места во грчкојазичните православни патријаршии.

Во својот воведен говор, премиерот се осврна на оваа иницијатива, која, според владината временска рамка, ќе се реализира во период од три години, нагласувајќи дека станува збор за значајна национална иницијатива. „Се работи за заедничка иницијатива на министерствата за образование и за надворешни работи, кои ќе соработуваат во следните три години за назначување на 600 свештеници во грчкојазичните Патријаршии. Како што разбирате, ова е иницијатива од големо, важно национално значење“ – изјави Мицотакис.

Според изјавата на заменик-министерот при кабинетот на премиерот и владиниот портпарол, Павлос Маринакис, одредбите за формирање на систематизирани работни места во грчкојазичните православни патријаршии имаат за цел да обезбедат црковните потреби на дијаспората да бидат опслужувани од грчки свештеници, како и да ги поддржат древните патријаршии и светиот манастир Синај.

„Со законодавната интервенција го поддржуваме хеленизмот ширум светот, продолжувајќи со создавање на вкупно 600 систематизирани работни места во древните Патријаршии – всушност, во сите Грко-православни цркви во светот. На истиот начин на кој го решивме прашањето со свештениците во Грција, интервенираме за да решиме едно прашање што со години е поставувано од Вселенската Патријаршија во врска со свештениците на дијаспората. Со конкретна поддршка на нивната улога, ја обезбедуваме трајната присутност на хеленизмот (грчкиот свет) во историските седишта на Православието“ – напиша во својата објава министерот за образование, верски прашања и спорт, Киријакос Пиеракакис, веднаш по завршувањето на владината седница.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/epikairotita/erxetai-o-diorismos-600-klirikon-sta-ellinofona-patriarxeia-katatethike-sto-ypourgiko-symvoulio-i-nomothetiki-protovoulia/