Грчки пратеник уништи богохулна изложба во Атина за што доби поддршка од Митрополитот Амвросиј

Грчки пратеник беше приведен во понеделникот наутро, откако ја уништи богохулната изложба на уметнички дела во Националната галерија во Атина. Повеќе архијереи на Црквата на Грција изразија остар протест против оваа изложба и побараа спорните дела веднаш да бидат отстранети од галеријата. За дел од овие протести известивме.

Пратеникот Никос Пападопулос од партијата „Ники“ ќе се соочи со прекршочни обвиненија поради неговиот смел чин, пренесува „Еуроњуз“. Неколку дена претходно, тој испратил писмо на протест до Националната галерија и уште едно до Министерот за култура, барајќи отстранување на изложбата „Привлечноста на бизарното“.

„‘Делата’ претставени на вашата изложба, особено ‘Иконата на Богородица со Христос во нејзините раце’ и вулгарната изопаченост на Свети Ѓорѓи, не претставуваат уметност“, напиша Пападопулос. „Тие претставуваат директен напад врз нашата вера, нашата културна припадност, корените на нашиот народ. Овие изопачувања не се само провокација; тие се богохулни и навредливи, ја повредуваат јавната свест и го нарушуваат основното почитување што грчкото општество го има кон православната вера.“

Министерката за култура Лина Мендони му одговори на пратеникот Пападопулос дека Министерството „никогаш не се впушта во цензура“.

Поради тоа, пратеникот во понеделникот отиде во галеријата и ги зеде работите во свои раце, симнувајќи неколку дела од ѕидовите и фрлајќи ги на подот.

По овие настани, поранешниот Митрополит Калавриски г. Амвросиј од Црквата на Грција на пратеникот Никос Пападопулос му упати отворено писмо со поддршка и благодарност за стореното. Ова писмо во продолжение го пренесуваме во целост.

Возљубен господине Пападопулос,

Со колена приклонувајќи се пред Вас, сакам да ја изразам најдлабоката благодарност на мојата смирена душа за Вашето храбро сведоштво, што го дадовте како вистински син на Источната Православна Црква на Грција, кога се најдовте во Националната галерија и сведочевте за демонски вдохновената профанација на светите икони на нашиот Спасител Исус Христос, на Пресвета Богородица, на светиот Великомаченик Георгиј Победоносец и други, кои Вие ги симнавте од ѕидот на кој беа закачени!

Вашиот чин беше едно исповедање на верата кон Спасителот Христос! Ви честитам од длабочината на мојата душа.

Меѓутоа, бидејќи во грчкото општество денес, за жал, господари и владее ѓаволот, државни функционери се свртеа против Вас, Ве уапсија, газејќи го Вашиот пратенички имунитет, Ве измачуваа и, на крајот, ги поттикнаа медиумите да Ве понижуваат и омаловажуваат! Ве молам, немојте да се чудите! Тие се орудие на ѓаволот!

И повторно Ве молам, не се натажувајте!

Ве гонат и страдате за славата Божја! Вие сте еден Маченик на Православието! Радувајте се, затоа што сте гонети заради славата на нашиот Господ!

Дозволете ми да Ви ги напомнам зборовите на светиот апостол Павле: „Заради Христос, ви се даде дар не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него“ (Фил. 1, 29).

И повторно зборовите на св. апостол Павле до неговиот ученик Тимотеј: „И сите што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2Тим. 3, 12).

Ќе го повторам: Вие сте, значи, еден Маченик на Православието! Тоа значи дека ќе имате голем благослов од нашиот Господ, Вие, Вашата побожна Сопруга, госпоѓата Евантија, како и Вашите шест (6) деца!

И Пресвета Богородица ќе биде со Вас!

Вашата награда ќе биде многу голема, бидејќи, за жал, Управата на нашата Црква „молчи како риба“!

Нашиот Христос се хули и исмејува, а, за жал, нашите црковни старешини молчат!

Возљубен мој господине Пападопулос, 

Повторно се поклонувам пред Вас со благодарност, и Му се молам на Премилостивиот Бог да Ве укрепи и да Ве заштити!

Со татковски молитви, 

Митрополит 
+ Поранешен Калавритски и Егалејски Амвросиј 

Извор: https://gr.euronews.com/2025/03/10/ellada-synelhf8h-boyleyths-poy-eisebale-sthn-e8nikh-pinako8hkh-kai-katestrepse-ek8emata и https://www.romfea.gr/diafora/68383-o-mitropolitis-pr-kalavryton-amvrosios-sygxairei-ton-voulefti-n-papadopoulo