Во својата изјава за Грчката радио-телевизија, Миторполитот Полјански и Килкиски Вартоломеј, од Црквата на Грција, појасни дека намерата на Црквата останува: да се реализира патување во Ерусалим, за да се пренесе благодатниот оган во Грција, но сè ќе зависи од условите кои се менуваат секојдневно.
Како што нагласи: „Се движиме во таа насока, утрото на Велика Сабота да отпатуваме во Ерусалим и да се вратиме во нашата земја, како што се прави во последните децении“ – пренесува грчкиот црковен портал „Вима ортодоскиас“.
Митрополитот беше јасен дека не се поставува прашање за откажување на чинот на слегувањето на Благодатниот оган на светиот Гроб. Сепак, поради безбедносната состојба, се очекува Храмот на Воскресението да функционира со ограничен број верници и главно со присуство на Светогробното братството на светиот Гроб.
„Вима Ортодоксиас“ разговараше со повеќе архијереи на Црквата на Грција, кои се осврнаа на подлабокото значење на Благодатниот оган. Како што посочија, слегувањето на Благодатниот оган не е само богослужбен чин, туку „симбол на Воскресението и на победата на животот над смртта“. Тие исто така нагласија дека пламенот што го примаат верниците се пренесува од неугасливото кандило на Светата Трпеза, што покажува дека благодатта не е географски ограничена.
Црквата на Грција внимателно ги следи случувањата и е во постојана комуникација со Ерусалимската патријаршија. Целта е да се обезбеди, колку што е можно, продолжување на традицијата без да се загрози безбедноста.
И покрај неизвесноста, пораката што се испраќа е јасна: Благодатниот оган не се ограничува на еден пренос, туку претставува симбол на живото присуство на Христос во животот на луѓето. Дури и ако Благодатниот оган не се пренесе навремено, или воопшто не се пренесе годинава, Воскресението ќе се прослави нормално, со истата вера и надеж што со векови го осветлува православниот свет.
