Групни преминувања во православие ширум светот

За време на Страсната и Светлата седмица годинава, социјалните мрежи беа преплавени со објави од цркви низ Америка, кои известуваа дека примиле по 20, 50, па дури и повеќе од 100 огласени (катихумени) во Црквата во пресрет на Велигден.

Вакви благословени настани се случиле и во многу други мисионерски подрачја низ светот.

Во митрополијата на Кореја при Цариградската патријаршија, митрополитот Амвросиј отслужил крштелна Литургија на Лазарева сабота (4 април), при што 13 огласени биле крстени и примени во Црквата.

Во храм на Руска задгранична Православна Црква во Бризбејн, Австралија, црквата „Благовештение“ крстила 32 лица на Велика Сабота.

Исто така, на Велика Сабота, 11 локални жители биле крстени во храмот „Св. Мојсеј Мурин“ (Егзархат за Африка на Руска Православна Црква) во селото Киквит, Демократска Република Конго.

Во западна Уганда, 20 лица – претежно деца – биле крстени во храмот „Св. Троица“ во селото Мвитанзиџе.

Во Буенос Аирес, пак, 10 возрасни и три деца биле крстени на Велика Сабота во српската православна катедрала „Рождество на Пресвета Богородица“, по неколкумесечна катихизација. Пасхалната служба следниот ден ја означила и првата Литургија во храмот по завршувањето на голем проект за фрескоживопис.

Протопрезвитерот Естебан Јовановиќ, кој ги извршил крштенијата, истакнал дека овој ден е радост за целата Црква: „Овој ден е ден на радост за целата Црква, бидејќи денес има нови членови на Телото Христово, и затоа сите се радуваат во денот кога ја славиме победата на Христос над адот и смртта. Христос ѝ заповеда на Својата Црква да оди и да ги научи сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух (Мт. 28, 19). Не рече да се крштеваат само Евреите или само Грците, туку – сите народи.“

Извор: https://orthochristian.com/177022.html