Грузиска патријаршија: Неодамнешните препораки од ЕУ предизвикуваат загриженост кај грузиската јавност и во Црквата

„Неодамнешните препораки издадени од Европската Унија до Грузија предизвикаа сериозна загриженост кај грузиската јавност и во Грузиската православна црква“, изјави Грузиската патријаршија.

Во соопштението се истакнува особената загриженост во врска со препораките што „повикуваат на укинување на законодавството насочено кон заштита на светоста на семејството и на ограничување на т.н. ЛГБТ пропаганда насочена кон малолетните“.

„Овој пристап е во директна спротивност со принципите и уверувањата што постојано ги изразуваа претставниците на ЕУ и високите дипломати во минатите години за време на многуте состаноци со високиот клир на Грузиската православна црква. Тие постојано објаснуваа дека интеграцијата на Грузија во европските структури не вклучува промовирање на нетрадиционални начини на живот.

На состаноците со Католикос-Патријархот на цела Грузија, Илија II − документирано во снимки − јасно беше истакнато дека грузискиот народ се стреми да ги почитува христијанските и традиционалните семејни вредности. Исто така, беше потврдено дека за време на патот кон членството во ЕУ нема да се наметнуваат категорични барања кои се спротивни на традициите на Грузија.

Неговата Светост Илија II постојано тврдеше дека европскиот пат е прифатлив сè додека не вклучува обврски кои се спротивни на Божјите учења − какво што е промовирањето на нетрадиционален начин на живот. Затоа, многу загрижува вклучувањето на препораки што сугерираат укинување на законите кои ги штитат малолетните од ЛГБТ пропагандата. Тоа, освен на христијанските учења и вредности, е спротивно и на усмените и писмените уверувања што земјите партнери ги дале во минатото.

Вреди да се напомне дека законите што ги поддржуваат семејните вредности и ги штитат малолетните од нетрадиционалната пропаганда беа широко поддржани од верниците, а Црквата јавно ѝ се заблагодари на Владата. Дури и сега, верската заедница ги смета овие закони за суштински во поддржувањето на здраво општество.

За жал, најновите препораки на ЕУ претставуваат спротивставен став: од една страна, тие тврдат дека ги поддржуваат семејните традиции и заштитата на малолетните; од друга страна, европските аспирации на Грузија ги поврзуваат со отстранувањето на токму овие заштити. Оваа контрадикторност предизвика разочарување кај значителен дел од грузиската јавност“ – се вели во соопштението.

Извор: https://1tv.ge/lang/en/news/patriarchate-eus-recent-recommendations-raise-serious-concerns-among-georgian-public-and-church/