Грузискиот патријарх благослови повеќе од 3500 матуранти пред приемните испити

Патријархот на цела Грузија Шио III ги благослови матурантите кои во наредните денови ќе полагаат приемни испити на факултет. По неделната литургија во соборниот храм Света Троица во Тбилиси, тој им посака успешно полагање и ги повика да паметат дека образованието треба да биде придружено со духовните вредности.

Богослужбата се одржа на 28 јуни, соопштува информативната служба на Грузиската Црква. По завршувањето на литургијата, Патријархот Шио им се обрати на собраните верници и посебно ги поздрави матурантите кои дојдоа да добијат благослов пред почетокот на приемните испити.

„Знаењето е големо богатство што го воздигнува човекот и му помага да оди по животниот пат“ – рече патријархот. Притоа тој нагласи дека главен патоказ за човекот треба да останат верата, стремежот да се живее според Божјата волја, смирението и љубовта кон ближниот.

Според зборовите на патријархот, токму спојот на образованието и духовните вредности станува основа за успех, како во земниот живот, така и во вечноста. Тој потсети на евангелските зборови дека, пред сè, треба да се бара Царството Божјо, а сето друго што е потребно за животот „ќе ви се додаде“ (Мт 6, 33).

Во својата проповед патријархот Шио, исто така, зборуваше за силата на молитвата. Тој истакна дека христијаните се повикани да се молат еден за друг, а искрената молитва не познава граници во времето и просторот. Според неговите зборови, кон Бога треба да се обраќаме со цврста вера, смирение и со љубов.

Претстоителот на Грузиската Црква посвети посебно внимание на символичноста на оваа година за државата. Во 2026 г. Грузија одбележува 1700. години од прогласувањето на христијанството за државна религија. Во чест на јубилејот, на секој од матурантите кои дојдоа во храмот, патријархот им врачи спомен – крст, изработен токму за овој датум.

На крајот од богослужбата, патријархот Шио уште еднаш ги благослови младите луѓе, посакувајќи им да ги положат испитите и да се запишат во високообразовните институции.

Извор: https://gorthodox.com/news-item/gruzinskij-patriarh-blagoslovil-bolee-3-5-tysyachi-abiturientov-pered-vstupitelnymi-ekzamenami