Хиландарските светињи свечено пречекани на Белградскиот аеродром

По повод изложбата посветена на 850-годишнината од раѓањето на Свети Сава, првиот Архиепископ српски, во Белград пристигнаа најзначајните српски светињи од царската лавра на манастирот Хиландар на Света Гора.

На белградскиот аеродром „Никола Тесла“, на 13 мај 2026 година, хиландарските светињи, во чија придружба беше министерката за култура на Република Грција д-р Лина Мендони, ги пречекаа преосветените викарни епископи Липљански Доситеј и Топлички Петар, министерот за култура на Република Србија г. Никола Селаковиќ, директорот на Патријаршиската управна канцеларија архимандрит Данило и протоереј Ѓорѓе Стојисављевиќ, шеф на Кабинетот на Српскиот Патријарх.

Светињите беа пречекани со највисоки црковни и државни почести и пренесени низ почесниот шпалир на Гардата на Војската на Србија поставен пред авионот на аеродромската писта. Светињите беа придружувани од ученици на белградската Богословија „Свети Сава“ и млади во српски народни носии.

По тој свечен повод, веројатно за првпат во историјата на аеродромот „Никола Тесла“, на пистата беше отслужен молебен, на кој чиноначалствуваше епископот Доситеј.

Историската изложба со едноставен назив „Свети Сава“, која Музејот на Српската Православна Црква ја организира во Галеријата на Српската академија на науките и уметностите, ќе трае од 15 мај до 19 јули. Тоа ќе биде целосно единствена и неповторлива можност верниот народ, покрај другите драгоцени уметнички дела поврзани со личноста и животот на Свети Сава, да ги види и да им се поклони на иконите на Христос Пантократор, Богородица Одигитрија, Млекопитателница, Свети Сава и Свети Симеон, на репликите од хиландарскиот игуменски жезол и патерицата на Свети Сава Осветен, Карејскиот типик и препис на иконата на Богородица Троеручица.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//16664.na-aerodromu-„nikola-tesla“-svecano-docekane-hilandarske-svetinje.html