Во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана, на 3 мај 2026 година, во Неделата на раслабениот, беше извршена епископската хиротонија на архимандритот Игнатиј, за викарен Епископ Амантиски при Неговото Блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, г.г. Јован.
Хиротонијата ја изврши Архиепископот Јован, сослужувајќи со Високопреосвештените Митрополити на Аполонија и Фиер; Елбасан, Спата и Либражд; Аргирокастро; Берат, Валона и Канина; и Корча.
Новоракоположениот епископ, во своето инспиративно слово, го започна своето обраќање со псалмскиот стих: „Пејте Му на Бога, царства земни, пејте Му на Господа“, изразувајќи длабока благодарност кон Бога со изреката на Свети Јован Златоуст: „Слава Му на Бога за сѐ“.
Новиот епископ Игнатиј говореше за прифаќањето на оваа света служба „на толку млада возраст“, повикувајќи се на зборовите на свети Доротеј од Газа: „Кој Му се предава на Бога, веќе не се грижи за себе, зашто знае дека Бог се грижи за него подобро отколку самиот тој“. Исповедајќи дека „ништо не произлегува од моите сопствени способности, туку сѐ е дар од Севишниот“, тој смирено побара молитви од Светиот Синод, клирот и присутниот народ, според повикот на апостолот Павле: „Непрестано молете се“ (1Сол. 5, 17).
Новиот епископ го заврши своето слово со зборовите на пророкот Исаија: „Еве ме мене, испрати ме“ (Ис. 6, 8).
Кратка биографија
Неговото Преосвештенство, Епископот Амантиски Игнатиј, е роден на 23 февруари 1978 година во Градиште, Дивјака. Основното образование го завршил во училиштето Фиер-Семан. Во 1998 година започнал студии на Богословската академија „Воскресение Христово“ во Свети Власиј кај Драч.
Од 2003 до 2017 година служел како катихет и проповедник во градовите и селата на Митрополијата на Берат, Валона и Канина. Во април 2017 година го следел повикот за целосно монашко посветување и бил замонашен и ракоположен за јероѓакон од блаженоупокоениот митрополит Игнатиј на Берат, Валона и Канина, кому му служел со побожност и преданост.
За јеромонах бил ракоположен во 2024 година, а во 2025 му бил доделен чинот архимандрит.
Во текот на целиот овој период извршувал високи должности и одговорности во Православната Автокефална Црква на Албанија: како генерален секретар на Светиот Синод, одговорен за Богословската академија „Воскресение Христово“ во манастирот „Свети Власиј“, како и одговорен за соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
Покрај мајчиниот јазик, говори англиски, италијански, грчки и германски јазик.
Светиот Синод на Православната Автокефална Црква на Албанија, под претседателство на Неговото Блаженство, Архиепископот Јован, едногласно го избра архимандритот Игнатиј за Помошен Епископ на Светата Епископија Амантија, на седницата одржана на 28 април 2026 година.













Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2026/05/03/η-εις-επίσκοπον-χειροτονία-του-νέου-επ/
