Празникот Успение на Пресвета Богородица годинава беше особено радосен за една парохија во Хјустон. Во храмот „Свети Јосиф“ на Антиохиската архиепископија празникот беше одбележан со Литургија со крштевања, за време на која 11 лица беа примени во светата Православна Црква.
Парохискиот старешина, протојереј Џозеф Ханиакат, вчера ја објави радосната вест на социјалните мрежи. Новообратените доаѓаат од различни верски средини, меѓу кои атеизам, неденоминациско христијанство, мормонизам и католицизам.
При Литургија со крштевања, светите Тајни Крштение и Миропомазание се извршуваат во рамките на самата Божествена Литургија, наместо како посебна богослужба.
Антиохиската православна црква „Свети Јосиф“ е основана во 1993 година како мисија за западниот дел на Хјустон и Кејти, од страна на пет семејства од матичната парохија „Свети Ѓорѓи“. Ѓакон од „Свети Ѓорѓи“ (подоцна епископ Томас) служел на малата заедница сè до 1994 година, кога таа пораснала на 11 семејства кои богослужеле во изнајмено студио за танцување со наследен иконостас. Во ноември истата година, отец Метју МекКеј бил поставен за прв свештеник на мисијата, а парохијата официјално го добила името „Свети Јосиф Обручник“.
Растечката заедница изградила повеќенаменска зграда на новокупено земјиште, а потоа, откако достигнала 50 семејства, изградила традиционален храм во византиски стил, во форма на крст. Храмот бил осветен од епископот Василиј во 2004 година.
Денес, „Свети Јосиф“ е сеправославна парохија со околу 100 семејства – половина православни од раѓање, а половина новообратени – и претставува богата мешавина од верници со арапско, руско, грчко, романско, грузиско и тексашко-мексиканско потекло.

