Храмот на Христовиот гроб во Ерусалим утринава повторно ги отвори вратите за поклоници и посетители, за првпат по 40 дена, по ублажувањето на воените ограничувања воведени за време на конфликтот со Иран.
Израелската полиција соопшти дека светите места во Ерусалим, вклучувајќи го Ѕидот на плачот, храмот на Христовиот гроб и Храмовиот рид, повторно ќе бидат отворени за посетители и верници по промените во одбранбената политика и новите насоки од Командата за домашен фронт на израелската војска, по постигнатото примирје со Иран, известува Грчката радио-телевизија.
Повторното отворање се случи на Велики Четврток, кога беше извршен чинот на миење нозе од страна на Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III и братството на Светиот Гроб. Уште од утринските часови, значителен број верници веќе пристигнаа во храмот.
„Велик е денешниот ден, и Му благодариме на Бога, Кој нè удостои – среде страдањата од војната, среде искушенијата, сирените и паниката што ја зафати целата Света Земја – да го прославиме овој голем настан на крајното смирение на нашиот Спасител Христос: чинот на миење нозе на учениците“ – истакна поглаварот на Ерусалимската Црква.
Тој нагласи дека денешното торжество има особено значење, бидејќи ова е прв ден кога сите ограничувања официјално се укинати од февруари 2026 година, од почетокот на заострувањето на блискоисточниот конфликт, објавува Сојузот на православни журналисти.
„Христовиот мир е оној мир што ги успокојува сите, и тој мир е неразделно поврзан со надежта. Се молиме таа надеж да се оствари, за целиот свет повторно да го најде својот пат во мир и здравје“ – додаде Патријархот.
Говорејќи за претстојната Велика Сабота и церемонијата на слегувањето на Благодатниот Оган, архипастирот истакна дека деталите сè уште се прецизираат, бидејќи не е целосно јасно колку се подготвени полицијата и безбедносните служби. Според него, се планираат средби со претставници на властите, но тој останува оптимист.
„Сите верници имаат потреба од богослужби и молитви. Луѓето многу пострадаа од оваа воена криза, особено од искушенијата што ги снајдоа“ – подвлече Патријархот.
„Сите се соочивме со опасноста од војна и сфативме колку е неправедна, и дека мирот е нешто што не може да се замени со ништо. Колку само копнееме по Христовиот мир!“ – заклучи Ерусалимскиот Патријарх, посакувајќи им на сите многу години и благословена Пасха.
Се очекува денес или утре да се одржи средба меѓу Патријаршијата и полицијата на Стариот град, на која ќе се донесат конечни одлуки за организацијата на службата на слегувањето на Благодатниот оган.
Стотици полицајци, припадници на граничната полиција и доброволци се распоредени низ градот, по главните сообраќајници, во Стариот град и кај светите места, со цел да се овозможи безбеден пристап за верниците и посетителите, притоа одржувајќи јавен ред и безбедност.



Извор: https://spzh.eu/ru/news/92387-ekskljuziv-patriarkh-feofil-prokommentiroval-otkrytie-khrama-hroba-hospodnja и https://www.ertnews.gr/eidiseis/diethni/i-stigmi-pou-anoigoun-oi-pyles-ston-nao-tis-anastaseos-meta-apo-40-imeres-to-ertnews-stin-ierousalim/
