Во миг од историско значење за христијаните на Блискиот Исток, Неговото Величество Јорданскиот крал Абдула II и Неговото Блаженство Ерусалимскиот патријарх Теофил III на 18 мај 2026 година го отворија новиот универзитет – Меѓународниот православен универзитет на местото на Крштението Господово. Оваа нова високообразовна установа, прва од ваков вид, се наоѓа на светото место на Крштението, на источниот брег на реката Јордан, на местото наречено „Ал-Магтас“, кое од 2015 година е признато од Унеско како светско културно наследство.
Установата, која нејзините основачи ја нарекуваат прв христијански универзитет во Јордан, се гради на местото каде што, според христијанското предание, нашиот Господ Исус Христос бил крстен од Свети Јован Крстител. Таа е замислена да функционира не само како Богословски факултет, туку како современ интердисциплинарен универзитет, посветен на хуманистичките науки, етичкото лидерство, историските истражувања, културната соработка и воспитувањето на идните генерации, способни да ѝ служат на една област која има итна потреба од грижа, мудрост, толеранција, морална јасност и храбро лидерство – известува интернет страницата на Ерусалимската Патријаршија.
Во присуство на членови на кралското семејство, на сите патријарси и поглавари на Ерусалимските Цркви, високи државни функционери, дипломати, свештеници, академици и избрани гости кои претставуваа различни христијански традиции и верски заедници, Неговото Блаженство Теофил III Му заблагодари на Семоќниот Бог и истакна дека ова свето дело одговара на длабоката потреба на нашиот регион – да се соедини духовната длабочина со интелектуалната извонредност, верата со научното знаење и предадената вистина со одговорното служење на човештвото.
Патријархот му оддаде почит на историското покровителство што Неговото Величество Кралот го има над христијанските и муслиманските свети места, нагласувајќи дека Хашемитското Кралство Јордан претставува жив столб на христијанското присуство, меѓурелигиското достоинство и одговорното управување во регион оптоварен со конфликти, поделби и духовно раселување.
Меѓународниот православен универзитет на местото на Крштението, кој има визија да стане место на средба на академици, верски водачи и млади луѓе од целиот Блиски Исток и пошироко, се основа како постојан центар на академска извонредност, христијанско-муслимански дијалог, човечка средба и културна размена меѓу Истокот и Западот.
Вкоренет во светите води на Ал-Магтас, каде што Светото Евангелие сведочи дека „…и Светиот Дух слезе врз Него во телесен вид како гулаб…“ (Лк. 3, 22), овој универзитет отсега стои како трајно сведоштво дека земјата на Откровението продолжува да вдахновува образование, лидерство, дијалог и служење за идните поколенија – завршува известувањето од Патријаршијата.








Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/erga/η-αυτου-μεγαλειοτης-ο-βασιλευς-αμπντα/
