На 5 август 2024 година, по повод празникот во чест на Почаевската икона на Пресвета Богородица, беа отслужени свечени богослужби во Почаевската лавра „Успение Богородично“, во Почаев, Западна Украина, за што известува Информативно-просветниот оддел на Украинската православна црква.
Прославата во Почаев започна уште на 3 август. Според традицијата, чудотворната икона на Богородица тој ден беше пренесена од Успенскиот храм до Преображенскиот храм, каде што се одржаа главните празнични богослужби.
За празникот, во Почаевската лавра пристигнаа илјадници верници. Некои од нив дојдоа пеш, учествувајќи во крсни поворки.
Во пресрет на празникот, во Преображенскиот храм се одржа сеноќно бдение со читање на акатистот пред чудотворната икона на Богородица. Потоа, пред иконата се извршуваа молебни со акатист до доцна во ноќта, додека бројните верници се поклонуваа на светилиштето. Православната младина во манастирот ја славеше Пресвета Богородица со духовни песни.
Свечените богослужби ги предводеше собор на архијереи и свештенство, а началствуваше Митрополитот Тернопилски и Кременецки г. Сергиј. На самиот ден на празникот, 5 август, беа отслужени две Литургии – во Успенскиот и во Преображенскиот храм. За време на богослужбата, беа произнесени молитви за мир во Украина, за христољубивата војска и за боголубивиот народ.
По втората Литургија, со голема литија, чудотворната икона на Пресвета Богородица беше свечено вратена во Успенскиот храм. Таму беше завршен празничниот молебен со молитва кон Богородица.
По завршувањето на службата, Митрополитот Сергиј, им го честиташе празникот на собраните верници, им се заблагодари на игуменот и на братството на манастирот за зачувувањето на светилиштето и им посака на сите да останат под покровот на љубовта на Пресвета Богородица.