Во неделата, на 9 ноември 2025 година, во Грција беше прославен споменот на светиот Нектариј Егински, Чудотворец, според новиот календар. Илјадници поклоници од цела Грција и од Балканот пристигнаа со првите бродови на островот за да му оддадат чест на светителот. Ниту студот, ниту силниот ветер не претставуваа пречка. Стотици луѓе, држејќи икони и свеќи, патуваа кон „островот на благодатта“, додека пристаништето на Егина беше преплавено со гласови, псалми и молитви – известува грчкиот црковен портал „Вима Ортодоксиас“.
По отслужената Литургија имаше свечена литијата со моштите на свети Нектариј. Илјадници верници ја придружуваа чесната глава на светителот, која беше пренесена од манастирот до градот Егина во поворка што ги преплави централните улици на островот. Во поворката учествуваа свештеници, монаси, воени единици, ученици и духовни оркестри, а ѕвоната весело ѕвонеа низ целиот остров. Мнозина со подигнати раце пееја: „Светителу Божји, моли Го Бога за нас“. На службата началствуваше Митрополитот на Идра, Спеце и Егина, г. Ефрем, кој изрази благодарност за големото присуство на верниците и посака „свети Нектариј да го благослови целиот свет и да ја осветли секоја душа што бара надеж“. Литијата заврши во соборниот храм на Егина, каде што светата глава беше изложена за поклонение.
На свеченоста присуствуваа многубројни официјални лица, претставници на државата, армијата и полицијата, а настанот се пренесуваше во живо преку радио-станицата на Црквата на Грција.
„Благословот на свети Нектариј не се ограничува во границите на Егина. Тој стигнува до секое срце што верува, се надева и љуби“, истакна митрополитот Ефрем, пречекувајќи ги последните поклоници што пристигнуваа дури и напладне со бродови од Пиреја.
„Сликите од островот — ѕвоната, песнопенијата, илјадниците свеќи — создадоа неповторлива сцена на вера, која секоја година потсетува дека Грција продолжува да ги слави своите светци не само како спомен, туку како живо присуство во душата на народот“ – завршува известувањето на „Вима Ортодоксиас“.







