Илјадници верници се собраа во Свето-Успенската Почаевска лавра на 5 август, за да го одбележат празникот на Почаевската икона на Пресвета Богородица, само две недели откако украинските власти започнаа постапка за прогласување на манастирот за структурна единица на Руската Православна Црква – чекор што го отвора патот кон затворање на Лаврата.
Многу од поклониците пешачеле со денови, организирајќи крстни литијни поворки од различни места низ Украина, за навреме да пристигнат во светата обител за празникот. Во меѓувреме, властите бараат да бидат истражени сите учесници во овие литијни поворки.
Сеноќното бдение и светата Литургија во соборниот храм „Преображение Господово“ во Лаврата ги предводеше Тернополскиот и Кременецки митрополит Сергеј. Со него сослужуваа архијереи на Украинската Православна Црква, меѓу кои и прогонуваниот намесник на Киевско-печерската лавра, Вишгородскиот митрополит Павел, братството на Почаевската лавра, како и свештенство од различни епархии на Украинската Православна Црква.
Беа упатени молитви за мир во Украина, за бранителите на земјата и за Божји благослов врз украинскиот народ.
По Литургијата, се одржа голема литијна поворка, при што иконата на Пресвета Богородица беше пренесена назад во Успенскиот соборен храм, каде што вообичаено се наоѓа во кивот над Царските двери.
На крајот од празничните свечености, намесникот на Лаврата, Почаевскиот митрополит Владимир, упати честитки до архијереите, свештенството и верниците по повод празникот. Потоа митрополитот Сергеј се обрати во име на собраните архијереи и му го честита на митрополитот Владимир 30-годишното служење како намесник на Лаврата.
Прославата се одржува во време на засилена кампања против манастирот од страна на Државната служба на Украина за етнополитика и слобода на совеста.
На Лаврата ѝ е даден рок од еден месец да ја напушти Украинската Православна Црква – што би значело преминување во раскол – или да се соочи со судска постапка насочена кон нејзино принудно затворање.












Извор: https://uoc-news.church/2026/08/06/thousands-of-believers-honoured-the-pochaiv-icon-of-the-mother-of-god-at-her-holy-monastery-video-photos/ преку: https://orthochristian.com/179429.html
