Илјадници жители на српската престолнина се собраа во дворот на Вознесенската црква во Белград и околните улици за свечено да го пречекаат Чесниот Појас на Пресвета Богородица, една од најголемите христијански светињи, која по шест векови повторно пристигна во Србија.
Чесниот Појас на Пресвета Богородица на 20 мај 2026 година во Белград го донесе светогорскиот игуман Ефрем од манастирот Ватопед, кадешто се чува оваа светиња. На пречекот на Белградскиот аеродром, покрај високата црковна делегација, присуствуваше и Претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Светињата во храмот ја внесе Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј, придружуван од ватопедскиот игумен, архимандритот Ефрем, ватопедското братство, архијереи на Српската Православна Црква, хиландарскиот игумен Методиј и свештенството на архиепископијата Белградско-карловачка.
Во своето обраќање пред насобраните верници, патријархот Порфириј истакна дека „најголемиот дар и најдрагоценото сведоштво на љубовта на Пресвета Богородица е Нејзиниот Чесен Појас денес меѓу нас во Белград“.
Тој нагласи дека пристигнувањето на светињата е голем благослов за српскиот народ и потсети на духовната поврзаност на Србија со Света Гора и манастирот Ватопед, каде што подвизувале свети Сава и свети Симеон Мироточив.
Патријархот посебно се осврна и на светиот кнез Лазар, кој во минатото му го подарил Појасот на Пресвета Богородица на манастирот Ватопед, истакнувајќи дека токму преку таа светиња низ вековите се одржувала духовната врска меѓу српскиот народ и Света Гора. „Пресвета Богородица денес е меѓу нас за повторно да нè укрепи, духовно да нè збогати и да ни покаже дека Нејзиниот покров е над нашиот народ“, порача српскиот патријарх.
Игуменот Ефрем во своето слово истакна дека Чесниот Појас е „извор на исцеление за душите и телата“ и изрази уверување дека неговото доаѓање ќе донесе духовна утеха и благослов за српскиот народ.
Тој потсети дека манастирот Ватопед годинава го вклучил свети Јустин Поповиќ во својата литургиска година и најави организирање симпосион посветен на српскиот светител. „Нека чудотворниот Појас на Мајката Божја ви донесе сила и утеха, нека ве исцелува од болести и нека ви дарува единство и благодат“, порача игуменот Ефрем.
На крајот од свеченоста, патријархот Порфириј му подари на игуменот Ефрем икона со претстава на свети Сава, свети Симеон Мироточив и светиот кнез Лазар, додека ватопедскиот игумен на српскиот патријарх му врачи икона и манастирски инсигнии.
На свечениот пречек присуствуваа бројни архијереи на Српската Православна Црква, монаштво, државни претставници и голем број верници.












Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//16710.pojas-presvete-bogorodice-stigao-u-beograd.html
