Именден на Митрополитот Сава, поглаварот на Полската православна црква

На 25 јануари 2025 година, кога Полската православна црква го празнува споменот на свети Сава Српски, во катедралата „Света Марија Магдалена“ во Варшава, се одржаа свеченостите по повод именденот на Неговото Блаженство Митрополитот Сава Варшавски. Поради опоравување од болест, славеникот не ја служеше светата Литургија, но молитвено учествуваше во неа, пристапувајќи кон светата Евхаристија. Присуството на архијерејот, и покрај здравствените потешкотии, беше причина за радост на бројните собрани верници. 

Со светата Литургија во митрополитскиот храм началствуваше Архиепископот Бјелски Григориј, во сослужување со Епископот Хајновски Павел, Епископот Семијатички Варсонуфиј и бројно свештенство. За време на светата Литургија се вознесуваа молитви за здравје на Неговото Блаженство, за мир во светот, а исто така и за покој на душата на упокоениот поглавар на Православната Црква во Албанија, блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј. 

Меѓу присутните гости беа: претставникот на Неговата Сесветост, Патријархот Вартоломеј – Митрополитот на Белгија, Егзарх на Холандија и Луксембург г. Атинагора, како и Архиепископот Хороднички г. Александар од Украинската Православна Црква.

Полската католичка црква беше претставена од нејзиниот поглавар, Неговата Екселенција бискупот Андреј Гонтарек.

Присуствуваа и претставници на свештенството, монаштвото, високото образование, локалната самоуправа, пензионирани офицери на Полската војска, млади луѓе поврзани со парохиските, епархиските и централните структури на Братството на православната младина. Присуството на младите луѓе беше израз на нивната вклученост во животот на Црквата и молитвена благодарност кон својот архипастир. Особено значајно беше присуството на претставници од полската православна парохија во Брисел, предводени од нивниот парох, свештеникот Павел Цеаха. 

По богослужбата, митрополитот Сава им се обрати на присутните со зборови на благодарност, молитви и духовна поддршка. Неговото Блаженство го истакна длабокото значење на името што го носи, посочувајќи на духовната вредност на именденот, нагласувајќи дека кога го празнува поглаварот на локалната Црква, со него празнува и целата Црква. Архијерејот потсети дека името Сава е поврзано со неговата личност од 1966 година, кога ги примил монашките завети, добивајќи го името на големиот духовен водач на српскиот народ, светиот Архиепископ Сава. Тој им се заблагодари на сите за заедништвото создадено околу Господовиот олтар на овој ден, како и за човечките врски, кои сè повеќе недостигаат во современиот свет. Недостатокот на овие врски се чувствува на сите нивоа од општествениот живот. 

Многу топли зборови беа упатени кон Митрополитот Атинагора од Белгија, кој се грижи за духовниот живот на полската православна парохија во Брисел, за заедничкото сведоштво за верата и вистината на Православието во Западна Европа. Благодарност беше изразена и кон Архиепископот Александар, за братските односи и поддршката, со желби за истрајност во надминувањето на проблемите во сестринската Црква во Украина. Неговото Блаженство го заврши своето свечено обраќање со благодарност до сите за нивното присуство и со желби за Божја помош во нивниот секојдневен живот. 

Извор: https://www.orthodox.pl/imieniny-jego-eminencji-metropolity-sawy-4/