Прославен именденот на Московскиот патријарх Кирил

На 24 мај 2026 година, на денот на споменот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, просветители на Словените, Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил отслужи свечена Божествена Литургија во Храмот „Христос Спасител“ во Москва. Овој ден, исто така, е ден на словенската писменост и култура и именден на поглаварот на Руската Православна Црква.

При пристигнувањето во соборниот храм, патријархот Кирил се поклони пред светите мошти на свети Филарет, митрополит Московски. На свечената Божествена Литургија сослужуваа бројни архијереи на Руската Црква, како и претставници на други помесни Православни Цркви (Антиохиската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Црквата на Чешките земји и Словачка и Православната Црква во Америка), заедно со голем број свештенослужители од Москва.

На Литургијата присуствуваа високи државни функционери на Руската Федерација, членови на Владата и на Државната дума, претставници на претседателот, како и личности од деловниот, општествениот и верскиот живот.

Исто така, за време на богослужбата беа вознесени посебни молитви, а по отпустот беше отслужен благодарствен молебен.

Потоа, митрополитот Воскресенски г. Григориј го прочита честитното послание на Светиот Синод до патријархот по повод неговиот именден, при што му беа подарени икона и комплет архиерејски енколпиони.

Патријархот Кирил се обрати со слово кон верниот народ, а додели и црковни одликувања на архијереи. Патријархот Кирил изрази благодарност за молитвите на верниците и свештенството, нагласувајќи дека, размислувајќи за големината на делото и тежината на одговорноста што му е доверена, сфаќа дека ниту една човечка, природна или духовна сила сама по себе не е доволна да го понесе тој товар, за Црквата да може мирно и стабилно да го продолжи својот историски пат.

На друго место тој подвлече дека патријаршиската служба има сила само кога е поддржана од соборот на архијереите, истакнувајќи дека сè додека се зачувува единството на Црквата, ниту еден план или надворешна сила што има цел да ја ослаби Црквата и татковината нема да може да успее.

„Ниту една политичка или човечка сила не е посилна од силата Божја“ – истакна патријархот Кирил во својата беседа.

Завршувајќи го своето обраќање, патријархот рече дека денешните поволни услови и сплотеноста на народот околу верата не се резултат на нивни лични заслуги, туку плод на жртвите на мачениците и исповедниците од минатото.

Извор: https://foto.patriarchia.ru/news/patriarshee-sluzhenie-v-den-pamyati-ravnoapostolnykh-mefodiya-i-kirilla-v-khrame-khrista-spasitelya-2026-05-24/ преку: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/76819-ta-onomastiria-tou-patriarxi-mosxas-kyrillou-foto