Синајското братство и египетската држава, според достапните информации, се наоѓаат блиску до постигнување договор за обезбедување на непреченото функционирање и за регулирање на имотно-правниот статус на манастирот „Св. Екатерина“ на Синај, по интензивните преговори што се водат под притисок на нерешените судски постапки.
Како што открива новинарот Никос Мелетис во репортажа објавена на грчкиот портал „Прототема“, формулата што моментално се разгледува предвидува сопственоста на манастирските простори да ѝ биде признаена на египетската држава, поради нивниот археолошки карактер, додека на манастирот ќе му бидат гарантирани владението и правото на бесплатно користење на тие простори на неопределено време.
Предвидено е ова решение да го опфати манастирскиот комплекс и објектите што се наоѓаат во рамките на манастирските ѕидини, како и значајни светилишта надвор од нив, меѓу кои и храмот на светиот Врв. Доколку договорот биде финализиран, за првпат ќе биде воспоставена правна рамка, усогласена со египетската држава, која ќе го регулира присуството, монашкиот живот и функционирањето на историскиот манастир.
Најчувствителното прашање во преговорите остануваат недвижностите што се наоѓаат надвор од главниот манастирски комплекс. Особено значење имаат манастирските градини, кои се од суштинско значење за секојдневниот живот и снабдувањето на братството, но правно се издвоени од манастирот. Меѓу решенијата што се разгледуваат е тие да бидат отстапени на манастирот преку долгорочен закуп со симболичен надомест.
Постигнувањето на договорот се смета за итно, бидејќи и манастирот и египетската држава поднеле жалби до Врховниот суд по судската одлука со која беа доведени во прашање имотните права на Синајското братство. Нова судска пресуда би можела значително да ги ограничи можностите за вонсудско решавање на спорот, додека продолжувањето на неизвесноста ги остава манастирските имоти изложени на опасност од узурпација.
Според истите информации, договорот нема да се однесува само на прашањето на сопственоста. Тој ќе го утврди правниот статус на манастирот во правниот поредок на Египет и ќе ги дефинира конкретните обврски на државата за заштита на монашкиот живот и за непречено функционирање на манастирот. Исто така, се предвидува конечната спогодба да не може повторно да биде оспорувана пред судовите.
Атина не учествува како договорна страна, бидејќи преговорите се водат меѓу манастирот и египетската држава, но внимателно го следи целиот процес. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го покренал ова прашање во разговорите со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, додека владините контакти ги координира министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис. Во постојана комуникација со манастирот и неговиот правен тим е и генералниот секретар за верски прашања Јоргос Каланѕис.
Грчката влада веќе потврди дека е постигната прелиминарна рамка на заедничко разбирање со Египет, нагласувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе Синајското братство.
Од клучно значење за преговорите се смета и изработката на целосна документација за манастирскиот имот, која опфаќа геодетски планови, историски докази и архивски материјали. Според репортажата на „Прототема“ овој обемен проект бил изработен без надомест од приватни научници поврзани со манастирот и сега претставува систематска документација за имотните права на братството.
Архиепископот Синајски, Фарански и Раитски Симеон активно учествува во разговорите и редовно ја информира монашката заедница за нивниот тек, настојувајќи конечната одлука да биде донесена со согласност на целото братство. Сепак, сè уште се очекува издавањето на египетскиот указ за неговото официјално признавање, кое, според информациите на Никос Мелетис, египетската страна го поврзува со завршувањето на целокупниот договор.
Во истата репортажа се наведуваат и забелешките на поранешниот архиепископ Дамјан во врска со начинот на кој се водат преговорите за договорот. Сепак, неговите постапки засега не се чини дека влијаеле врз единството на Синајското братство ниту врз текот на преговорите, кои сега влегуваат во својата најкритична фаза.
Извор: https://orthodoxia.info/news/sina-plirofories-nea-symfonia-en-a/
