Интервју на Албанскиот Архиепископ Јован за Сојузот на православни журналисти

Претстоителот на Православната Црква на Албанија, Негово Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија г.г. Јован во текот на својот престој во САД, за кој известивме, даде видео интервју за американската редакција на Сојузот на православни журналисти.

Во разговорот со новинарот Арон Хикман, објавен на 2 март 2026 година, Неговото Блаженство зборуваше за неговиот пат кон верата, за поновата историја на православието во Албанија и за предизвиците со кои се соочува Православната Црква денес.

Во продолжение пренесуваме извадоци од ова интервју, кое во целост може да се погледне на видео снимката подолу.


Вие преведовте некои од делата на црковните отци на албански. Напишавте првиот догматски учебник на албански. Како избравте кои дела да ги преведете за да им помогнете на Албанците да ја разберат православната теологија?

Мислев што е најважно за нив. Првиот превод беше „Православната вера“ на отец [Томас] Хопко. Тоа е добра катихеза бидејќи отец Хопко зборува со луѓето од денешницата. Има многу книги за катихеза, но тие понекогаш имаат различен јазик, насочен кон различни времиња или различни луѓе и во моето искуство, од исповедта најмногу, гледам дека понекогаш губиме комуникација со младите луѓе поради лингвистичко неразбирање.

Да дадам пример: Ако им кажете на младите луѓе денес дека живеат во грев, тоа или не им значи ништо или, пак, ќе се вознемират и ќе си заминат, или ќе помислат дека живеете во средниот век. Но, ако им кажете дека нешто не оди добро внатре во нив, тие прифаќаат и се отворени да дискутирате со нив. Им го кажувате истото, но зборот „грев“ е толку многу историски обременет, а има толку многу други соодветни зборови. Значи мораме да го научиме нивниот јазик и ова беше зошто го преведов книгата на отец Хопко бидејќи во моето разбирање беше многу добра катихеза за модерниот човек.

Тој се обраќа кон реални луѓе, а не кон хипотетички случаи. Тоа е како во болница; треба да имате вистински пациент, а не само од книга да го наоѓате лекот; можеби луѓето што се пред вас имаат и други проблеми.

Потоа, сакав да знаат нешто друго од отците. Во моето разбирање, се согласувам 100% со отец Флоровски кој вели дека црковните отци се помодерни од нашите модерни теолози, бидејќи тие ја кажуваат вистина, а сè што е вистина е за секоја епоха. Самиот Господ рече, „Моите зборови се засекогаш бидејќи се вистина.“

А за богословијата е многу важно да има учебник по догматика, во најмала рака треба да ја знаеме нашата доктрина. Во нашиот живот треба да ја имаме доктрината и треба да имаме наше лично искуство со божественото, бидејќи без ова доктрината ќе биде многу сувопарна философија. А доктрината е многу важна бидејќи човечкиот ум може да подиви. Како што вели свети Василиј Велики: Догмите се за да нè заштитат од нашиот сопствен ум. Значи мораме да ги имаме овие две работи.

Секако, студентите што ќе бидат идни клирици треба да ја знаат доктрината. Се обидов да напишам книга што е едноставна, која сите ќе ја разберат. Да бидам внимателен во изразувањето, бидејќи понекогаш луѓето не можат да разберат – вие можете да ја кажете точната терминологија, но тие нема да ја разберат.

Сакав да имам опширна догматска книга, но во 1998 влегов во [црковниот] суд како митрополит па немав толку време колку што имав кога предавав во школата, но сепак преведов многу други книги и различни статии. Ги објаснив сите таинства на Црквата – ова беше најмногу за клириците, за да имаат длабоко разбирање на таинствата, и своевремено тоа им беше од помош. А сега имаме повеќе книги, преведовме и други дела.

Сепак, нашата литература на албански треба да биде побогата, сè уште имаме уште многу да направиме.

Албанската Црква цврсто опстојува на одлуката за [непризнавање на] томосот даден на Православната Црква на Украина, но сè уште одржувате добри односи со сите Цркви.

Секако. Треба да се најде решение што е прифатливо за сите. Заземањето страна секогаш е погрешно, не е дека некој е добар, а некој е лош. Зборувањето во овие категории секогаш носи поделби. Сите ние сме браќа и треба да најдеме начин како заедно да го решиме проблемот. Изразувањето различно мислење не значи дека не го сакате другиот. За да се реши еден проблем, има различни начини.

Архиепископот Анастасиј беше мошне мудар човек и вистински христијанин. За него целта беше да се зачува единството на Црквата и да ја каже вистината во љубов, како што вели свети Павле. Во едно семејство не секогаш е исправно да се биде категоричен, тоа понекогаш може да го изобличи семејството. Постојат различни мислења.

UOJ Interviews His Beatitude John, Archbishop of Tirana, Durres, and All AlbaniaUOJ Interviews His Beatitude John, Archbishop of Tirana, Durres, and All Albania