Интервју на Бугарскиот Патријарх Даниил за Бугарската национална телевизија

Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Даниил, по повод годишнината од неговата интронизација на Патријаршискиот трон на Бугарската Црква даде интервју за Бугарската национална телевизија, во кое се осврна на предизвиците во изминатиот период на неговата патријаршиска служба, местото на Црквата во општеството и единството помеѓу помесните Православни Цркви во светот.

Улогата на Православната Црква во враќањето на духовниот свет во животот на луѓето

На прашањето каква е улогата на Православната Црква во враќањето на духовниот свет во животот на луѓето Патријархот Даниил рече: „Незаменливо е местото на Православната Црква за враќањето на духовноста помеѓу луѓето. Бидејќи, ако ја одземете смислата од животот на човекот тој нема да сака да живее… А никој друг не може да даде смисла на човекот, освен Бог. И Бог затоа ја основа Црквата, за да дава духовна храна, за да го храни со благодат човечкото срце, и ништо не може во тој однос да ја замени Црквата, бидејќи која замена може да даде благодат?“

Неделни училишта и настава по веронаука

Говорејќи за тоа што може Бугарската Православна Црква да направи за да ги привлече младите во Црквата, Неговата Светост објасни:

„Неделните училишта придонесуваат за тоа. Одредивме во секој храм во Софија да има неделно училиште и ќе се потрудиме тоа да се реализира, тоа е многу важно и на дело ја покажува грижата на Црквата, на парохијата, за просветата на младите луѓе. Многу од Софиските храмови веќе го имаат тоа, имаат и други дејности со кои децата се организираат во часови по иконопис, резба, црковно пеење… И ќе се трудиме да се прошири дејноста.“

„Важна е, исто така, таа иницијатива за предметот Религија – Православие да влезе во училиштата, тоа исто така би придонело многу. Светиот Синод од почетокот на деведесеттите години до сега не престанал да настојува тоа да се случи. Тоа многу би допринело младите луѓе да се запознаат и, дај Боже, да се приопштат кон верата и кон Црквата.“

„Во моментот е во тек општествено расудување за овие теми, државата кон тоа пристапува на класичен начин, се земаат предвид сите гласови во општеството.“

„Богословската наука е признаена наука помеѓу останатите научни дисциплини, така што за верата може да се зборува во еден научен дискурс и тоа не е помалку важно од сето останато, напротив. Мислам дека е крајно време да се случи таа иницијатива, има широка поддршка од академската јавност, и дај Боже да се стигне до добар крај. Веќе имаме изработени и прифатени програми.“

Има дебата за тоа дали треба тој предмет треба да биде конфесионален или неконфесионален. Светиот Синод има став дека тој предмет треба да биде конфесионален… Тоа е и Европска пракса, бидејќи во Австрија, Малта, Романија, Грција, Кипар… тој предмет се предава конфесионално.“

За разделбите во Православниот Свет и каде се позиционира Бугарската Црква

Во интервјуто беше поставено прашање за поделбата во православниот свет и за позицијата на Бугарската патријаршија во овие спорови.

„Навистина, таква поделба постои – нарушено е заедничарењето меѓу некои од помесните православни цркви, главно заради прашањето за признавање или непризнавање на оваа црковна структура Православна црква во Украина со претстоител Епифаниј, кој е таканаречен Киевски митрополит. Единаесет од помесните православни цркви, вклучително и Бугарската православна црква, не ја признаа оваа црковна структура. Тие немаат општење со неа. Ова е деликатно прашање.

Каде се позиционира Бугарската православна црква? Ние сме во заедничарење со сите помесни православни цркви. Не сме го прекинале заедничарењето со ниту една од нив. Мислам дека ова е разумен пристап што ќе овозможи надминување на оваа поделба.

На црковните настани, празници, ги пречекуваме претставниците од сите помесни Православни Цркви. Служиме заедно. Имаме целосно заедничарење. Учествуваме во животот на другите помесни Православни Цркви. И се надеваме дека преку ова заедничарење, преку овој дијалог, ќе се добие време и можност да се видат нештата.

И тие се гледаат. Гледаме, на пример, дека во почетокот некои светогорски манастири примаа претставници, клирици од ПЦУ, но сега веќе не ги примаат. Бидејќи гледаат дека кога има насилство, кога храмови се заземаат насилно, кога има убиени свештеници, кога храмовите им се празни… Државата ја одзеде Киево-печерската лавра и ѝ ја предаде на таа црковна структура и таа стои празна и таму организираат кулинарски шоуа…“

„Кога нештата ќе се видат на каква основа се, постепено мислам дека ќе си дојдат на свое место и овој проблем ќе биде надминат“ – истакна Патријархот Даниил.

Како може Црквата да стане глас на обединување во едно разединето општество?

„Црквата секогаш ја разбирала својата мисија да сведочи за вечните нешта. И таа е и може да стане глас на помирувањето, ако нејзиниот глас се слушне, ако не е глас в пустина… Со дневнополитичките дебати се изместува фокусот, приоритетите на нашето внимание, нашите животни приоритети, затоа што Господ ни рекол: ’Пред сè барајте го Царството на Бога и Неговата правда и сето останато ќе ви се придодаде’. Затоа што се предадеме на тие политички страсти, на пример дебатата за еврото и левот… тоа се важни нешта кон кои треба да се пристапува со исклучителна сериозност, но нашата вечна судбина е небитно дали сум живеел под еден или друг монетарен систем, ако јас не сум бил со Христос.“

„Духовната обнова на народот започнува со духовната обнова на секој од нас“ – порача Патријархот.

Една година от избора и интронизацията на патриарх Даниил - интервю за "Религията днес" по БНТ1Една година от избора и интронизацията на патриарх Даниил – интервю за "Религията днес" по БНТ1