Митрополитот Јона Пафхаузен е игумен на манастирот „Св. Димитриј Солунски“ и настојател на парохијата „Св. Герман Алјаски“ во Стафорд, Вирџинија, САД. Тој е поранешен поглавар на Православната Црква во Америка, кој по пензионирањето се приклучи на Руската Задгранична Православна Црква, каде што и понатаму активно учествува во образовни и мисионерски иницијативи.
Во ексклузивно интервју за „Сојузот на православни журналисти – Америка“, Митрополитот Јона зборува за експлозивниот раст на православните мисии низ американскиот Југ, гладта за автентичност кај младите американци, и за радикалната слобода што лежи во срцето на православниот живот.
Кон крајот на јули 2025 година, митрополитот Јона Пафхаузен богослужеше во православната црква „Св. Марија Египетска“, каде што ракоположи неколку клирици за да ја поддржат растечката православна мисионерска активност на американскиот Југ.
Заменувајќи го неговото Високопреосвештенство митрополитот Николај, поглаварот на Руската Задгранична Православна Црква, митрополитот Јона беше пречекан од живата и растечка заедница под раководство на архимандрит Јован Таунсенд, настојател на парохијата и игумен на скитот „Св. Оптински Старци“.
Владиката Јона беше љубезен да одвои време за ова ексклузивно интервју и да ги сподели своите согледувања за православниот раст во американскиот Југ.
Владико, колкав раст на православието сте забележале на Југот во последните 5 години?
Има голем раст, не толку во големите градови или во националните парохии, туку особено во парохиите составени од преобратени Американци во помалите градови, како на пример во Леноар, Тенеси. Мојата парохија во округот Стафорд, Вирџинија како да експлодираше. Има парохии со по 40–50 катихумени одеднаш; се крштаваат, па доаѓаат уште 40–50 нови. Тоа е водено, секако, од многу млади луѓе кои трагаат по стабилност, по автентичност. Бараат место каде што ќе бидат сакани, некој што ќе ги води и духовно воспитува. И мислам дека ова е совршено поле за православието, тоа е неговата традиција.
Како мислите дека православието може да им помогне на младите Американци кои ги напуштиле своите неправославни вероисповеди да се вратат во верата?
Православната Црква е целосно стабилна. Единствената што е. Дури и Римокатоличката постојано се менува, прави измени, нема стабилност, во ниту еден дел од неа, иако уредувањето си постои. Протестантските цркви, пак, се целосно вон колосек, многу од нив згаснуваат, како што знаете.
Од она што го гледам, младите претежно гледаат кон православието и римокатолицизмот. Се разбира, ние би сакале да дојдат во Православната Црква. Тие бараат нешто длабоко… Православието не е легалистичко. Некои го извртуваат во легализам, но во суштина тоа не е такво. Римокатолицизмот, напротив, е длабоко легалистички. Ако некој бара такво нешто, ќе го добие, но православието води кон сè подлабоко лично искуство на Бога и соединување со Него – тоа е целта. Знаете дека потрагата по познавање на Бога, не знаење за Бога, туку Негово познавање, тоа е едно од нештата што се најпривлечни за оние кои навистина Го бараат Христа.
Луѓето доаѓаат и поради други причини: бараат заедница, пријателство, безбедност, ги бараат сите овие нешта, бараат лажна сигурност, затоа што нивните концепти се погрешни, нивните претпоставки се погрешни, и тие ќе ги надраснат, евентуално, и тоа е она што Православието може да го понуди: православието нуди радикална слобода. Не значи дека нема догми и канони – туку дека во тој контекст постои радикална слобода. А она што е богословска слобода е: да се врши Божјата волја. Ако ја имате таа слобода – вие сте навистина слободни. Ако го немате тоа, гледајќи во кој правец оди Западот, вие немате ништо. Луѓето сакаат живот со смисла, а не празнина.
Што треба да прават православните христијани на Југот за да го шират православието и основаат мисии таму каде што нема силно присуство?
Долги години сум бил мисионски планер и сè уште се занимавам со тоа. Најважно е да се изгради група луѓе посветени на Христа и на верата, и на изградба на Црква. Тоа ги бара секој последен денар и секој секунда што ги имате, но вреди. Литургискиот и материјалниот аспект се важни, но најважно е да се изградат односи меѓу луѓе со иста мисла. Ако сите сте посветени на Христос – сè ќе се вклопи. Ако секој си тера по свое – нема да успее.
Значи едно од најважните нешта сметам дека е да се избегне секој вид на зилотизам или фанатизам. Можете фанатиците и зилотите да ги наречете протестанти, а ние не сме тоа. Ние го прегрнуваме она што го рекол свети Бенедикт, великиот црковен отец: умереност во сè. Ако се занесеш со некаква романтична или емоционална идеја за тоа што значи да си православен христијанин, тоа нема да трае долго. Но ако трезвено го бараш Бога – тоа ќе те води сè подлабоко во заедница со Него. Секако, тоа значи молитва, пост, подвижништво, редовна исповед, честа причест – преобразување на животот во трагање по Бог. Тоа е она што православието е навистина, и тоа таму ќе те одведе.
Која лична молитва најмногу ве привлекува секојдневно?
Исусовата молитва.
За тие што не знаат, може ли да објасните што е Здружението Лудвел и за што ќе биде конференцијата во септември?
Мило ми е дека ме прашавте. Православната фондација „Филип Лудвел Трети“ ќе ја одржи својата годишна конференција на 6 септември во Стафорд, Вирџинија, домаќин е мојата парохија – „Свети Герман“. Темата ќе биде „Лулка и Огниште“. Тоа е суштината на православието – лулка и огниште на христијанството.
Имаме одлични говорници. Конечно го обезбедивме отец Турбо Кволс. Го имаме и Џеј Даер и уште неколку познати имиња кои ќе зборуваат за историјата и наследството на Филип Ладвел – првиот американски преобратеник во православието. Ќе зборуваме и за мисиите на Југот, зошто јужната култура е отворена кон православието. Ќе биде добра конференција.
Благодариме, Владико, благословете.
Извор: https://uoj.news/en/man-and-church/84866-met-jonah-paffhausen-on-orthodoxys-southern-revival
