Руската информативна агенција ТАСС на 3 февруари 2025 година објави интервју со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија. Во продолжение ова интервју го пренесуваме во целост.
Во декември – јануари Патријаршискиот егзархат во Африка на Руската православна црква (РПЦ) испрати свештенослужители од Русија за одржување на празнични богослуженија во 15 земји на најжешкиот континент. И тоа како на северот, каде што долго време постојат парохии на РПЦ (во Тунис, Мароко, Египет), така и јужно од Сахара – во егзотични за Русите земји како Бенин, Буркина Фасо, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Уганда и други. Таму богослужбите понекогаш се одржуваат под шаторско крило или во сенката на дрвјата.
Во Кенија, патријаршискиот егзарх на Африка, митрополитот Зарајски Константин, го изврши чинот на големо осветување на водите на езерото Викторија, седејќи во кајче. Во Банги, тој потопен во палми главен град на Централноафриканската Република, учениците на училиштето на свети Сергиј Радонешки беа восхитени од егзотичното чудо од дрво – бодликава новогодишна елка. Речиси цела Африка беше опфатена: франкофонската, англофонската, хиспанофонската, арапофонската и португалофонската.
Зошто РПЦ токму сега замина во Африка и со што се занимаваме ние таму? Аналитичкиот центар ТАСС му се обрати со ова прашање на претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј.
Историски, Руската црква имаше неколку парохии на Африканскиот континент: во Египет, Мароко, Тунис и Јужноафриканската Република. Дејствувајќи на континентот, ние со почит се однесувавме кон канонските права на Александриската Патријаршија. Во древните одредби, кои ги нарекуваме Свети канони, северот на Африка е признаен како канонска територија на Александриската Патријаршија, која во текот на XX век ја прошири својата активност на целиот африкански континент.
Во сите овие парохии, свештенослужителите, кои беа испраќани од Руската православна црква, ја усогласуваа својата дејност со свештенството на Александриската патријаршија и ја вршеа само со благослов на локалните епископи. Во нашите храмови главно се молеа верници кои зборуваат руски.
Во архивата на Одделот за надворешни црковни односи се зачувани многу обраќања од руски сонародници кои живеат и во други африкански земји и кои бараа РПЦ да основа свои парохии и да им испраќа свештеници.
Ние ги почитувавме правата на Александриската Патријаршија и затоа не можевме позитивно да одговориме на овие барања.
Сè се промени во 2019 година, кога Александрискиот Патријарх Теодор II (роден како Николаос Хорефтакис) сосема неочекувано, еднострано ги призна украинските расколници. Александрискиот Патријарх до тогаш многупати ги имаше посетено Русија и Украина. Во бројни јавни настапи се колнеше во верност на Светите канони, изјавувајќи дека украинските расколници се безблагодатни и дека не можат да се сметаат за легитимни и канонски свештенослужители.
На интернет можат да се најдат многу видео записи каде што патријархот Теодор зборува за ова, вклучително и додека е во Украина.
Само година дена пред да ги признае украинските расколници, тој ја посети Одеската епархија на Украинската православна црква, каде што беше топло пречекан и каде што ги повика верниците да ѝ останат верни на канонската Црква.
А потоа, во ноември 2019 година, патријархот Теодор самиот донесе одлука, дури без согласност со Синодот на Александриската Патријаршија, да ги признае украинските расколници и почна да го спомнува нивниот предводник.
Овој чекор на патријархот Теодор го покажа како човек кој не одговара за своите зборови. Ваквиот впечаток не се создаде само кај нас, туку и кај голем број свештенослужители во самата јурисдикција на Александриската патријаршија. Тие разбраа дека нивниот патријарх изврши предавство и дека тешко може да се нарече чесен човек. Со текот на времето, до Одделот за надворешни црковни односи на РПЦ почнаа да пристигнуваат многу десетици барања од африкански свештенослужители, главно од локалното население, кои изјавуваа дека по сето што се случи, не сакаат да останат под омофорот на патријарх кој постапил толку нечесно. И дека тие молат од Патријархот Московски и на сета Рус да ги прими под своето покровителство, во својата јурисдикција.
Ние не брзавме со одлуката, иако разбиравме дека не можеме да ги оставиме овие свештеници во толку сложена ситуација. Сепак, сè уште постоеше надеж дека Александрискиот претстоител ќе се покае или дека Синодот на оваа древна Црква ќе ја поништи неговата еднострана одлука. Но, откако во август 2021 година, патријархот Теодор заедно со лидерот на украинскиот раскол одржа заедничко „богослужение“, не остана друг избор. Според каноните, оној што сослужува со расколник, и самиот станува расколник. Не можевме да ги оставиме без помош и заштита, без канонско покровителство стотиците свештенослужители, како и уште поголемиот број верници кои посетуваат парохиите под надлежност на тие свештеници. Тие луѓе не сакаа да бидат дел од расколот во православието, и нивната одлука мораше да добие одговор.
Беше донесена одлука за создавање на Патријаршиски егзархат на Африка, со назначување на патријаршиски егзарх и РПЦ започна активно да работи со пристигнатите барања. Егзархот и свештенството што му помагаше ги посетуваа овие парохии, се запознаваа со свештениците на лице место и носеа одлуки за тоа дали тие можат да бидат примени под јурисдикцијата на РПЦ. Во декември 2024 година Егзархатот одбележа три години од своето постоење. Во неговиот состав има две епархии: Јужноафриканската, која опфаќа 24 земји, и Северноафриканската, која покрива 31 земја. Денес, Егзархатот брои околу 350 парохии во 32 африкански земји, во кои денес служат повеќе од 250 свештеници. Покрај духовната мисија, успеавме да започнеме и со реализација на многу хуманитарни и образовни проекти.
Ова е сосема нова и неочекувана реалност. Создавањето на Африканскиот егзархат предизвика вистинска промена во црковниот живот на континентот. Долги години, раководството на Александриската патријаршија главно се грижела за грчкиот дел од својата паства. А во оние далечни африкански села, каде што тешко се стигнува, каде што санитарните услови се лоши и владее сиромаштија, не само што никогаш не стапнала нога на грчки архиереј, туку често ни свештеници не доаѓале. Луѓето беа оставени сами на себе.
Кога нашето свештенство почна да ги посетува овие парохии, бевме потресени од условите во кои локалните свештеници ја вршеа својата служба. Во најдобар случај, тоа беа простории што воопшто не наликуваа на православен храм.
Затоа започнавме да бараме ресурси за да ги опремиме овие парохии со сè што е потребно за богослужба, но и да ги решаваме насушните проблеми на населението – помагајќи во бушење бунари за питка вода, доставување лекови и обезбедување основни животни потреби.
По овие први чекори, луѓето разбраа дека Руската црква се грижи за нив, дека не се оставени и заборавени. Ние посветуваме особено внимание на образованието на свештенството, бидејќи многу од свештениците беа ракоположени, но немаа можност за систематско богословско образование. Денес, голем број африкански студенти студираат во духовните училишта во Русија, каде што Црквата им обезбедува сè – од облека до стипендии и билети за патување дома за време на распустите.
Се зафативме со голема и нова работа за нас, и веќе гледаме дека таа дава плодови. Секој ден сè повеќе свештеници се приклучуваат кон нас, гледајќи ја нашата искрена грижа за свештенството и верниците на Африканскиот континент.
***
Во крајот на јануари, митрополит Антониј оствари работна посета на Либан, каде што беше примен од Патријархот на Велика Антиохија и на целиот Исток, Јован X.
Каква е ситуацијата со една друга автокефална православна црква – Антиохиската?
Со Антиохиската црква, Руската црква традиционално има најдобри односи. За жал, денес православниот свет е поделен поради постапките на Константинопол и на погореспомнатата Александриска патријаршија, која се солидаризира со него во контекст на украинскиот раскол и обидите за негова легализација. Со Антиохиската патријаршија, нашите гледишта за проблемите во меѓуправославните односи се совпаѓаат.
Како на Антиохиската црква ѝ се одразија настаните во Сирија?
Секако, во текот на средбата разговаравме за положбата на христијаните на Блискиот Исток. Од име на Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, му пренесов на Антиохискиот патријарх Јован, на свештенството и на паствата на Антиохиската црква, уверување во нашата целосна поддршка за нивните напори да го зачуваат христијанското присуство на Блискиот Исток. Патријархот Јован ни раскажа за ситуацијата во Сирија и Либан, споделувајќи ги своите проценки за идниот развој на состојбата. Сите ние се молиме мирот да се зацари на Блискиот Исток, за христијаните што живеат на оваа света земја да можат да се насладуваат од слободата да ја исповедаат својата вера.
***
Средбите со Неговото Високопреосвештенство не се случуваат често, па затоа треба да се искористи секој момент.
Во САД има нов претседател, од кого се очекува „конзервативен пресврт во вредносен аспект“. Дали Руската православна црква смета дека тоа е можно?
Забележав (гледајќи ја инаугурацијата на претседателот Трамп и слушајќи го неговиот говор) дека во првите часови од своето владеење, тој даде неколку изјави кои покажуваат дека ѝ придава значење на темата за традиционалните морални вредности.
Конкретно, тој нагласи дека постојат само два пола – машки и женски, што предизвика големо незадоволство кај либерално настроениот дел од американското општество и не само.
Исто така, важно е што некои членови на тимот на Трамп, во своите изјави пред изборите, многу зборуваа за проблематиката на верската слобода во Украина. Особено ја истакнуваа неприфатливоста на политиката на сегашниот режим во Киев кон канонската Украинска православна црква, која, да нагласам, го претставува мнозинството христијани што живеат во Украина.
Затоа, се надеваме дека администрацијата на Трамп, сега кога веќе ги презеде своите должности и има механизми за влијание врз сегашниот режим во Киев, ќе ѝ посвети соодветно внимание на оваа тема. Денес, пред очите на целиот цивилизиран свет, се случуваат жестоки прогони против Православната црква.
На 9 јануари Италијанската епископска конференција објави нови препораки, со кои на отворени хомосексуалци им се дозволува да станат свештеници. Дали тоа ќе ги усложни односите меѓу Руската православна црква и Ватикан?
Несомнено, и ние ги следиме вестите што доаѓаат од Италија. Не кријам дека наклонот кон либералната агенда, која значително се оддалечува од евангелското учење, особено во контекст на традиционалните семејни вредности, кај нас предизвикува недоумици и обеспокоеност.
Сосема неодамна беше објавен документот Fiducia supplicans, кој, всушност, воведува за католиците нова пракса – благословување на истополови парови. Синодската богословска комисија на Руската православна црква го анализираше овој документ и објави свое мислење, во кое изнесе бројни забелешки. Отстапувањата од традиционалната христијанска семејна етика веќе станаа тажна реалност во многу протестантски деноминации.
Темата на семејната етика и традиционалните морални вредности беше една од ретките за кои можевме да зборуваме со Римокатоличката црква, да се рече, на ист јазик. Како што е познато, меѓу нас постојат сериозни богословски разлики и не постои евхаристичко заедништво. Но, и покрај тоа, со децении градевме односи со Римокатоличката црква, токму врз основа на заедничките за нас теми и прашања, каде што нашите ставови се совпаѓаат.
Опасноста е во тоа што темата за традиционалната христијанска семејна етика полека исчезнува од нашата заедничка агенда. Ако тоа се случи, не можам да замислам за што би можеле понатаму да разговараме со католиците.