Историско присуство на Антиохискиот Патријарх Јован во Доха, Катар, во храм на Ерусалимската Патријаршија

Историски момент беше забележан во Катар за време на богослужбата на четвртата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, кога Патријархот Антиохиски и целиот Исток, г.г. Јован, претстоеше на службата во храмот „Свети Исак Сирин, Свети Георгиј и Свети Макариј Ерусалимски“ во Доха, кој е под јурисдикција на Патријаршијата на Ерусалим. 

Историски настан во православниот свет 

Ова е значаен момент, бидејќи пред неколку години двете древни Патријархии на Блискиот Исток го прекинаа општењето поради прашањето за црковната јурисдикција на Катар. Сепак, со одлука на Светиот Синод на Антиохиската Патријаршија во октомври 2023 година, односите беа обновени, а двете Цркви продолжуваат заедно да се соочуваат со предизвиците во Либан, Сирија, Палестина и Светата Земја. 

„Слатко и пријатно е кога браќата се среќаваат“, истакна Патријархот Јован во своето обраќање во петокот, 28 март 2025 година, од главниот град на Катар, каде што престојува во официјална посета. На богослужбата сослужуваа и Митрополитот Лаодикиски г. Атанасиј, и Архиепископот на Катар г. Макариј од Ерусалимската Патријаршија. 

Во своето слово, Патријархот Јован ја изрази својата братска љубов кон поглаварот на Ерусалимската Црква, Патријархот г.г. Теофил, за благословот што му беше даден да началствува во овој прекрасен православен храм во Катар. 

Тој исто така го истакна значењето на Пресвета Богородица, која не е почитувана само од христијаните, туку и од исламот, што покажува дека Богородица ја надминува границата на религиите. 

Исклучително тешки услови за христијаните на Блискиот Исток 

Патријархот Јован зборуваше и за исклучително тешките услови со кои се соочуваат христијаните во Блискиот Исток, нагласувајќи дека „нашата апостолска вера нѐ собира заедно со нашите браќа од другите цркви. Од овде ви ја пренесувам љубовта на браќата од Антиохиската Црква. Минуваме низ тешки и исклучителни околности на Блискиот Исток, кој е наша татковина, а не место каде што сме гости. Во Палестина се роди Исус Христос, а во Ерусалим живееше и ни ги донесе радосните вести за нашето спасение. Ликот на Христос е присутен во Истокот и во Црквите на Ерусалим и Антиохија. Нашата обврска е да ја пренесеме оваа апостолска вера од генерација на генерација“. 

Поглаварот на Антиохиската Црква беше пречекан и поздравен од Архиепископот на Катар г. Макариј, кој ја пренесе братската љубов на Патријархот на Ерусалим, г. Теофил. Во знак на сеќавање на оваа историска патријаршиска богослужба и посета на храмот, Архиепископот му подари симболични дарови, а Патријархот Јован изрази длабока благодарност. 

Единство и надеж во тешки времиња 

Оваа патријаршиска посета ја потврдува атмосферата на единство и взаемно разбирање меѓу двете страдални Цркви на Блискиот Исток, чие стадо на многу места е изложено на жестоки прогони. Присуството на православните христијани во регионот останува несигурно, бидејќи постојаните конфликти создаваат чувство на несигурност, кое Црквата е повикана да го надмине. А ова може да се постигне само преку единство и соработка – пишува грчкиот црковен портал „Ортодоксиа Њуз“.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_antioxias/istoriki-xorostasia-tou-patriarxi-antioxeias-ioanni-sti-ntoxa-tou-katar-se-nao-tou-patriarxeiou-ierosolymon/