Светиот Синод на Православната Автокефална Црква на Албанија на 16 септември 2025 година, објави за изборот на двајца нови митрополити. Црквата на Албанија остана со две упразнети митрополитски седишта по упокојувањето на Архиепископот Анастасиј и изборот на нов Архиепископ Албански и по упокојувањето на Митрополитот на Ѓирокастро Димитриј.
- За Митрополит на Ѓирокастро, едногласно беше избран досегашниот Митрополит на Амантија, г. Натанаил. Интронизацијата на новиот Митрополит ќе се изврши на 20 септември 2025 година во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Ѓирокастро.
- За Митрополит на Корча, едногласно беше избран досегашниот Епископ на Круја, г. Анастасиј. Интронизацијата на новиот Митрополит ќе се изврши на 27 септември 2025 година соборниот храм „Воскресение Христово“ во Корча.
Во продолжение ги пренесуваме кратките биографии на овие митрополити.
Митрополит на Ѓирокастро Натанаил
Митрополитот на Ѓирокастро, г. Натанаил (Стергиу), е роден во Такисархи, Трикала, Грција, во 1957 година. Го завршил средното училиште „Атонијада“ на Света Гора (1978), а потоа и Богословскиот факултет на Аристотеловиот универзитет во Солун (1982). Се замонашил во Светата Голема Лавра на Света Гора (1979), ракоположен е за ѓакон (1982) и за презвитер (1987) од Епископот на Родостол, г. Хризостом.
Од 1991 до 2012 година служел како парохиски свештеник, духовник и проповедник во Митрополијата на Ѓирокастро, како и професор во црковното училиште „Чесен Крст“ во истиот град.
Во јануари 2012 година бил ракоположен за епископ од блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј и бил задолжен за грижата на новоизградениот соборен храм „Воскресение Христово“ во Тирана. Исто така, до сега ја вршел должноста секретар на Синодот.
На 7 април 2016 година, епископијата на Амантија беше воздигната во митрополија и епископот Натанаил беше поставен за митрополит на истата. Тој е член на извршниот совет на Фондацијата „Православна Клиника Евангелизмос“.
Митрополит на Корча Анастасиј
Митрополитот на Корча, г. Анастасиј (Мамаи), е роден во Валона, Албанија, во 1979 година. Студирал на Катедрата за грчки јазик на Филозофскиот факултет на Атинскиот универзитет (1999), дипломирал на Универзитетот „Исмаил Ќемали“ во Валона и магистрирал Бизнис администрација (2001–2005). Подоцна студирал на Богословската академија „Воскресение Христово“ (2017) и на Катедрата за Теологија и Култура на Универзитетскиот колеџ Логос, каде што дипломирал Социјални богословски студии и Религиозни науки (2023).
Во периодот 2005–2009 заземал важни позиции во Итало-Албанската банка, а од 2009 до 2017 имал директорски позиции во банката „Унион“. Од 2006 до 2014 бил член на црковно-народниот совет на Православната Црква на Албанија и близок соработник на блаженоупокоениот Митрополит на Берат, Валона и Канина, г. Игнатиј.
Ракоположен е за ѓакон во 2018 година од Архиепископот г. Анастасиј, за презвитер во 2019 година, а во 2020 година го доби чинот архимандрит.
Од 2017 до денес учествува во управувањето со црковниот имот и финансиските активности на Црквата на Албанија. Тој е извршен директор на Универзитетската Фондација „Логос“, претставник на Архиепископот во Извршниот совет и член на Управниот одбор на Фондацијата „Православна Клиника Евангелизмос“. Исто така, е советник во Образовната фондација „Здив на љубов“ и од 3 декември служи како протосингел на Архиепископијата на Тирана и Драч. Освен мајчиниот јазик, зборува грчки и италијански.
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2025/09/16/ιερα-συνοδοσ-ανακοίνωση/
