Православната црква на Албанија на својата интернет страница го објави следното соопштение:
Соопштение
Светиот Синод на Автокефалната Православна Црква на Албанија, под претседателство на Неговото Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, г. Анастасиј, на 9 декември 2024 година, одржа седница и едногласно го избра за помошен епископ на некогашната славна епископија Круја, високопреподобниот архимандрит г. Анастасиј (Мамај). Во согласност со Уставот на Црквата, тој ќе биде член на Светиот Синод.
Хиротонијата на новоизбраниот епископ ќе се одржи на 15 декември 2024 година, во Светиот Соборен Храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
Кратка биографија
Новопоставениот помошен епископ на Круја, г. Анастасиј (световно име Енкелед Мамај), е роден на 6 август 1979 година во градот Валона, Албанија, каде ги завршил основните студии. Во 1999 година, посетувал специјален оддел за грчки јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Атина. Дипломирал на Универзитетот „Исмаил Ќемали“ во својот роден град и стекнал магистерска диплома (MSc) во областа на Бизнис Администрацијата (2001-2005).
Од 2005 до 2009 година работел на одговорни позиции во Италијанско-Албанската банка, а од 2009 до 2017 година заземал менаџерски позиции во Union Bank. Во истиот период (2006-2014) бил член на Црковно-народниот Совет на Православната Црква на Албанија и близок соработник на покојниот митрополит на Берат, Валона и Канина, г. Игнатиј.
Во 2017 година се запишал во Теолошката Академија „Воскресение Христово“ и подоцна на Одделот за теологија и култура при Универзитетскиот колеџ „ЛОГОС“, каде што дипломирал (BSc) во областа на општествено-теолошките студии и религиозните науки во 2023 година.
На 22 јануари 2018 година, беше ракоположен за ѓакон од Неговото Блаженство Архиепископот Анастасиј. На 20 октомври 2019 година беше ракоположен за презвитер, а на 9 август 2020 година го доби чинот архимандрит. Од 2017 година до денес е ангажиран во управувањето со црковниот имот и финансиската активност на Црквата на Албанија.
Моментално е извршен директор на Универзитетската Фондација „ЛОГОС“, претставник на Неговото Блаженство во Извршниот Совет и член на Управниот одбор на Фондацијата „Православна Клиника Евангелизам“, како и советник во Образовната Установа „Дух на љубов“. Од 3 декември оваа година служи како протосингел на Архиепископијата на Тирана и Драч. Зборува албански, грчки, италијански и англиски јазик.
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2024/12/09/νέος-βοηθός-επίσκοπος-κρούγιας-εξελέ/