На 23 јули 2025 година заврши долгорочната работа на преводот на Светото Писмо на курдски јазик: Рускиот институт за превод на Библијата ја издаде првата целосна Библија на курдски јазик (на неговиот севернокурдски дијалект курманџи) со користење на кирилично писмо, соопштува веб-страницата на Институтот. Институтот за превод на Библијата работи со благослов на Неговата Свестост Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил.
Курдите се автохтон народ кој претежно живее во историската и етнографска област Курдистан, чии територии се распрснати низ повеќе денешни држави: Турција, Иран, Ирак и Сирија. Според проценките, курдската популација во светот брои околу 40 милиони луѓе. Во Русија, според пописот од 2021 година, има 50.700 Курди, кои живеат во Москва, Краснодарскиот и Ставрополскиот крај, Република Адигеја, како и во Московската, Нижегородската, Новосибирската, Тамбовската, Саратовската, Свердловската и Јарославската област.
Курдскиот јазик припаѓа на иранската група јазици и се состои од неколку главни дијалекти. Поголемиот дел од Курдите (62%) зборуваат на севернокурдскиот дијалект курманџи. Традиционално, Курдите користеле арапско писмо, но во 20 век се проширила употребата и на латиничното и кириличното писмо, особено во рамките на некогашната СССР. Ова издание е подготвено на кирилица, а наскоро се планира и издание со латинично писмо.
Историјата на преводот на библиските текстови на курдски јазик трае повеќе од два века – првите обиди се од почетокот на XIX век. Преводите се вршеле на различни дијалекти на курдскиот јазик, со користење на различни азбуки – ерменска, арапска, латинска и кирилична.
Конкретниот проект за превод на Библијата на курдски јазик започна во почетокот на 1980-тите во Ерменија и е поврзан со името на Надр Озманјан. Во почетокот на 1990-тите, Институтот за превод на Библијата започна долгорочен преведувачки проект, во чии рамки беше формирана меѓународна група експерти по библистика и курдски јазик. Во 1993 година беше објавен преводот на Евангелието според Матеј на курманджи. Подоцна следуваа преводите на Евангелието според Лука и Дела на апостолите. Целиот Нов Завет беше објавен во 2000 година. Во 2009 беа издадени старозаветните книги Рут, Естир и Книгата на пророк Јона. Во 2010 беа подготвени две верзии на Петокнижието – една на кирилица, друга на латиница. Во 2016 беа издадени Псалмите и Книгата на мудроста (Изреки), исто така во двете писма.
Ова ново целосно издание на Библијата е збогатено со дополнителни материјали за подлабоко проучување на библискиот текст. За полесно разбирање на тешките термини на читателите им стои на располагање детален речник, илустриран со графички прикази. Во прилог се наоѓаат и табели со древни мерни единици за тежина, нивните соодноси и конверзија во современи вредности. Изданието содржи и фотографии од древни библиски кодекси и ракописи, илустрирани карти на Стариот Блиски Исток, мапи на патувањата на апостол Павле, како и скици на изгледот на Ерусалимскиот храм.
