На 22 јуни, дента кога се случи терористичкиот напад на православна црква во Дамаск, за што известивме, Патријаршијата на Антиохија и целиот Исток, го објави следното соопштение, кое го пренесуваме во целост.
На овој ден кога нашата Антиохиска Црква ги празнува сите светии од Антиохија, предавничката рака на злото удри вечерва, одземајќи ги нашите животи, заедно со животите на нашите блиски кои денеска паднаа како маченици за време на вечерната Божествена Литургија во храмот на Пророкот Илија во Двелаа, Дамаск.
Според првичните информации достапни во овој момент, имало експлозија на влезот од храмот, при што загинале многу маченици и биле повредени бројни други лица кои се наоѓале во храмот или во неговата непосредна близина.
Додека сè уште ги пребројуваме мачениците и повредените, и ги собираме остатоците и телата на нашите маченици, чиј точен број сè уште не сме во состојба да го утврдиме, Православната Патријаршија на Антиохија и на целиот Исток најостро го осудува овој свиреп чин и најсилно го изобличува ова ужасно злосторство. Ги повикува надлежните власти да ја преземат целосната одговорност за она што се случи и што продолжува да се случува – во однос на прекршувањата на светоста на храмовите – и да обезбедат заштита за сите граѓани.
Неговото Блаженство Патријархот Јован Десетти лично ги следи случувањата од првиот момент. Тој остварува и локални и регионални контакти со цел да ја пренесе мрачната реалност што се одвива во Дамаск пред целиот свет. Тој повикува на итна акција за да се стави крај на овие масакри.
Се молиме за покој на душите на мачениците, за исцеление на повредените и за утеха на нашите ожалостени верници. Го потврдуваме нашиот непоколеблив ангажман кон верата, и преку таа постојаност – нашето отфрлање на секој страв и закана. Го молиме Христос, нашиот Бог, да го води коработ на нашето спасение низ бурата на овој свет, Он Кој е благословен во вечни векови.









