Изјава на епископот Штутгартски Јов за убиството во Свјатогорската лавра

Неговото Преосвештенство епископот Штутгартски г. Јов, од Руската задгранична Православна Црква на 31 август 2026 година објави своја изјава за трагичните настани и убиството на монах во Свјатогорската лавра на Украинската Православна Црква, за кои известивме. Во изјавата епископот Јов објавува нови детали за овие настани.

Во продолжение неговата изјава ја пренесуваме во целост.


На 23 август 2026 година, околу 11 часот претпладне, бил убиен монахот Варсонофиј, жител на Свјатогорската лавра, а заедно со него биле тешко повредени уште две лица. Според сведоштвото на еден од повредените, се случило следново: при средбата со украински војници, тие побарале да се изговори „Слава на Украина“. На националистичкиот слоган, отец Варсонофиј одговорил: „Јас сум монах. Слава на нашиот Господ Исус Христос!“

Потоа му пукале во главата и му нанеле убодни рани со нож. На сличен начин бил претепан и послушникот Григориј, кој бил тешко повреден со нож и фрлен во провалија. Со рана во белите дробови и со огромна загуба на крв, сепак успеал да стигне до братските конаци. Таму му била укажана прва помош, по што бил испратен во болница. Слично се случило и со мирјанинот Андреј, кој работел како електричар.

Германската епархија на Руската задгранична Православна Црква одамна испраќа хуманитарна помош во Свјатогорската лавра, каде што се грижат за голем број бегалци. Новото искушение што ја снајде братијата на лаврата ги потресе не само нив и нас, туку и целиот православен свет. Гледаме како многу претставници на Православните Цркви со болка реагираа на случувањата.

Истовремено, гледаме и една друга слика: релативен молк во украинските медиуми и целосен молк во германските медиуми по ова прашање. Би бил неискрен ако овој молк го наречам изненадувачки. Живееме во време на досега невидено ниво на информативна пропаганда и војна. Убиен бил монах од Црква која, од гледна точка на украинскиот национализам, не е „вистинската“ Црква.

Безмилосното и, можам да претпоставам, неказнето пресметување со претставник на Црквата која на Украина веќе со години се наоѓа на работ на државна забрана, нè упатува во мислите кон времето на раното христијанство, кога претставниците на religio illicita — забранетата религија — можеле и требало да бидат уништувани во интерес на јавноста.

Светата Црква одамна дала одговор на таквата појава: крвта на мачениците е семе на христијанството. Ако сведоштвото на еден од повредените, наведено погоре, одговара на вистината, тогаш монахот Варсонофиј е маченик во вистинската смисла на зборот: тој е сведок (martys) на Христовата вистина.

А Христовата вистина пребива во сите векови: портите на адот никогаш нема да ја надвладеат Црквата! (Матеј 16,18)

+ Епископ штутгартски Јов

Извор: https://www.derbote.online/ru/post/zajavlenie-vladyki-iova-lavra