Изјава на Ерусалимската Патријаршија за примирјето во Газа

На 22 јануари 2025 Ерусалимската Патријаршија на својата интернет страница го објави следното соопштение во врска со постигнатото примирје во појасот Газа.

Соопштение

„Блажени се миротворците,
зашто тие ќе се наречат синови Божји“
(Матеј 5:9). 

Како пастири на христијанското паство во Светата Земја, ја примаме веста за примирјето во Газа со будност, надеж и топла молитва. 

По петнаесет месеци неизмерна болка, ова запирање на непријателствата ни дава момент на одмор, тага и почеток на тешкиот пат на исцеление. 

Сепак, како христијани, повикани сме не само да се радуваме на прекинот на војната, туку и да се посветиме на светата мисија на барање вистински и траен мир. 

Севкупната цена на уништувањето на човечкиот живот и достоинството, особено во Газа, е катастрофална, со уништена инфраструктура и раселени заедници. 

Се потсетуваме на зборовите на Апостол Павле: „И ако страда еден дел, сите делови страдаат со него…“ (1Кор. 12, 26). Болката на Газа не е рана само за нашите заедници, туку и за човечката совест воопшто. Потребен е одговор заснован на правда, сочувство и признавање дека секоја човечка личност е создадена по образот Божји. Ова примирје треба да служи како мост кон трајно и праведно решение, кое ќе ја покаже светоста на животот и достоинството на сите Божји деца. 

Меѓународната заедница, особено народите што ги штитат принципите на глобалната правда, треба да ги согледаат своите одговорности. Неуспехот да се реши оваа воена криза или соодветно да се адресираат нејзините причини ги доведува во прашање темелите на меѓународниот поредок. 

Понатаму, сакаме да ги пофалиме сите што ги ризикуваа своите животи, помагајќи им на сиромашните, хранејќи ги гладните и штитејќи ги немоќните во ова тешко време. 

Молејќи се за траен мир, се сеќаваме на зборовите на нашиот Господ Исус Христос: „Зашто огладнев, и Ми дадовте да јадам; ожеднев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте“ (Мт. 25, 35). Овие зборови нè поттикнуваат на дело. Хуманитарната помош треба непречено да стигне до оние што имаат потреба, а напорите за обновување на домовите, училиштата и болниците мора да продолжат. Но, покрај материјалната обнова, неопходно е и враќањето на надежта, довербата и признавањето на легитимните стремежи на луѓето кон правда и достоинство. 

Нека Царот на мирот ги насочи срцата на моќниците кон помирување и нека ова примирје означи почеток на ново историско поглавје, во кое ќе владеат правда и милост: „И светлината свети во темнината, и темнината не ја опфати“ (Јн. 1, 5).

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/δηλωσισ-του-πατριαρχειου-ιεροσολυμω-2/