Изјава на поглаварот на Православната Црква во Америка за поплавите во Тексас

Во неделата, на 6 јули 2025 година, поглаварот на Православната Црква во Америка, Неговото Блаженство Архиепископот Вашингтонски и Митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон ја издаде следнава изјава во врска со разорните поплави во централниот дел на Тексас:

Длабоко сум нажален од веста за ужасните поплави во централниот дел на Тексас, долж реката Гвадалупе, како и за големиот број на загинати. Во овие моменти, кога сè уште многумина се водат како исчезнати, ги повикувам свештениците и верниците на Православната Црква во Америка да се молат за напорите на спасувачките служби и сите вклучени во потрагата. Се молам и Господ да им подари утеха на сите што изгубиле блиски или пријатели во оваа несреќа, или кои на кој било начин биле погодени од овие поплави. Во согласност со апостолската заповед: „Плачете со оние што плачат“ (Рим. 12:15), јас, заедно со сето свештенство и верен народ на Православната Црква во Америка, сочувствувам со сите погодени од овие поплави, и, навистина, со целиот народ на Соединетите Американски Држави, во тагата за оваа трагедија.

Конечно, бидејќи дождовите сè уште претставуваат закана за погодените области во сливот на Гвадалупе, да го молиме Господа „да се сети на заветот што го склучи со Ное и да не нè погуби со страшна влага и бурниот здив на ветровите“ (Молитвеник), туку да ја покаже својата голема милост со тоа што ќе испрати добро време и тивки дождови во нивната сезона.

На сите кои им помагаат на жртвите од поплавата, нека им даде Господ заштита, благослов и многу години.

На сите што пострадаа од оваа несреќа, нека им покаже Господ утеха и милост.

На сите што изгубиле блиски и пријатели во оваа трагедија, нека им ја покаже Господ својата сочувственост и љубов.

Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/metropolitan-tikhon-issues-statement-on-devastating-flooding-in-texas