Изјава на претставник на Синодот на Грчката Црква за повишувањето на примањата

Откако неодамна беше објавена информација за повишувањето на примањата на свештенослужителите во Грција, за што известивме, во грчката јавност се покренаа мноштво прашања и коментари поврзани со оваа тема. Затоа, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Полјански и Килкиски, г. Вартоломеј, претставник за медиуми на Постојаниот свет синод на Црквата на Грција, откако беше прашан од повеќе новинари, на 19 јуни 2026 година ја даде следната писмена изјава:

„Дискусијата што се разви во последните денови околу платежниот статус на архијереите отвори оправдани прашања и размислувања, но во јавноста беа изнесени и многу неточности, поради што е неопходно трезвено разјаснување.

Пред сè, потребно е да се нагласи дека исплатата на платите на свештениот клир претставува историски и траен надомест од страна на државата за огромниот манастирски имот што им бил одземен на светите манастири во периодот од 1833 до 1952 година, без целосно и рамноправно обесштетување. Овој имот бил искористен во полза на целото грчко општество, без оглед на верските убедувања на граѓаните, придонесувајќи суштински за функционирањето на универзитетите и болниците, за населувањето и поддршката на земјоделците, бегалците, оние кои не поседувале земја и ситните земјопоседници, како и за создавање јавни и општествено корисни простори и друга инфраструктура од јавен интерес.

Во таа смисла, платите на клирот историски се поврзани со користењето на црковниот имот за општото добро, а не со некакво подарено право или привилегиран третман на Црквата од страна на државата. Воедно, неодамнешната регулатива што ја предлага Грчката држава не воведува никаква нова привилегија. Таа ја враќа исплатата на платите на архијереите во рамките на општиот систем на јавната администрација.

Во грчкиот правен поредок, одговорноста за управување и институционалната улога се одразуваат и во висината на платата. Поради тоа, примањата на архијереите се поврзани со соодветното платно ниво на највисоките државни функционери. Тврдењата за претерано високи или неточно прикажани износи честопати се засноваат на погрешно толкување или на намерно извртување на реалните податоци. Затоа, апелираме ова прашање да се разгледува со вистина, правичност и заемна почит, далеку од претерувања и без создавање лесни сензации.

За Црквата што го извршува своето пастирско служење, напорот за решавање на вистинските проблеми на луѓето претставува неразделен дел од пастирската одговорност и служба. Поради тоа, ова дело секој пастир го извршува тивко, без да го рекламира, во согласност со евангелската заповед: „А ти, кога даваш милостина, да не знае левата твоја рака што прави десната твоја рака“ (Мт. 6, 3).

Од Канцеларијата за медиуми
на Светиот синод на Црквата на Грција“

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/77237-o-ekprosopos-tis-ieras-synodou-gia-tin-misthodosia-ton-arxiereon