Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква објави изјава во врска со свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, Франција. Во продолжение, оваа реакција ја пренесуваме во целост.
Неспорна вистина е дека повеќе од две илјади години, до денес, основата на европската цивилизација е христијанството, се христијанските вредности и добродетели, т.е. Христовиот евангелски морал и светоглед. Христијанството оставило неизбришлив отпечаток на сите сфери на човековиот живот и култура, а земниот живот на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос и Неговите ученици и следбеници послужил како инспирација за создавање на највеличествените дела на човечката уметност.
Пред неколку дена, целиот христијански свет беше смутен, соблазнет и навреден од настапот на отворањето на XXXIII Летни олимписки игри во Франција. Презентираните уметнички слики – без разлика на мотивите што ги декларираат организаторите – се во спротивност и се целосно некомпатибилни со христијанскиот евангелски морал, со христијанскиот духовен живот, но и со здравиот разум, со природните човекови права, со вековните европски естетски критериуми, како и со класичниот идеал за убавина – здрав дух во здраво тело, вграден во идејата за Олимписките игри. Вулгарноста и идеолошкиот невкус се само дел од проблемот. Сепак, останува многу поважното прашање за провоцирачкиот, дискриминаторски и навредлив однос кон христијанските верници, што не можеме да го прифатиме и да го премолчиме. Тука Христос е категоричен: „Кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина. Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната.“ (Мт. 18, 6-7).
Многуте гласови на критика кои се слушаат неколку дена наназад сведочат дека христијанска Европа е жива, а обидите за нејзино дехристијанизирање и дехуманизирање нема да успеат. Затоа што историјата докажала дека сите обиди за борба против Христа и Неговата света Црква завршиле неуспешно и претрпеле уништување.
Патот на нашиот народ е европски пат, но ние сме за христијанска Европа; за Европа која ја уважува и почитува својата историја и корени. Убедени сме дека без вистинска, жива вера во Христа и во вечните христијански вредности, Европа нема и не може да има иднина.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/izyavlenie-na-sv-sinod-na-bpts-bp-vav-vrazka-s-tseremoniata