Изјава на Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија во врска со претстојните парламентарни избори

На 26 септември годинава Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква објави своја изјава во врска со претстојните парламентарни избори во Бугарија. Во продолжение оваа изјава ја објавуваме во целост.

Бугарското општество минува низ тешка духовна и институционална криза. Цврстината на неговото единство и организација се подложени на сериозни испитувања. Сите ние, православните свештеници и христијаните, истовремено сме и членови на ова општество.

Најголемиот дефицит во современиот свет е дефицитот на покајание. Единствениот сигурен пат кон единството и напредокот на бугарскиот народ е патот на покајанието, кое ни е неопходно за животот. Покајанието означува промена на начинот на размислување: доверба во Бога повеќе отколку во себе, откажување од егоизмот, од себељубието, индивидуализмот, следењето на личниот интерес. Тоа означува да размислуваме, да живееме и да се трудиме за Бога и за ближниот, осознавајќи ја и борејќи се со нашата гревовност.

Поради горенаведеното, во предизборниот период го повикуваме бугарскиот народ на упорна молитва за надминување на духовните рани и тажните поделби меѓу бугарскиот народ, за обновување на институционалните основи на бугарското општество и држава.

Со молитва да се потрудиме за нашето духовно зајакнување и за обраќањето на бугарскиот народ кон Бога, од Кого е секој совршен дар (сп. Јк 1, 17), вклучително и нашето духовно будење, духовното и физичкото здравје и разбирањето на општествениот организам.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/izyavlenie-na-sv-sinod-na-bpts-bp-otnosno-predstoyashtite-pa