На 22 август 2024 година, членовите на Светиот Синод на Руската Православна Црква, откако претходно го разгледаа предлог-законот „За заштита на уставниот поредок во областа на дејноста на верските организации“, усвоен на 20 август од страна на Врховната Рада на Украина и насочен кон ликвидација на Украинската Православна Црква, одлучија да ја прифатат следната Изјава на Светиот Синод (Журнал бр. 102).
На 20 август 2024 година, Врховната Рада на Украина го усвои, во второ читање, предлог-законот „За заштита на уставниот поредок во областа на дејноста на верските организации“, кој овозможува забрана на активностите на која било верска заедница на територијата на Украина ако таа е „поврзана“ со некоја верска организација во Русија. За соодветната судска одлука ќе биде доволен заклучокот од „религиолошката експертиза“, која во услови на „лов на вештерки“ може да биде, и ќе биде – фалсификувана.
Иницијаторите и поддржувачите на предлог-законот во Украина – државни службеници од највисок ранг, пратеници на Врховната Рада, радикални десничарски политичари и јавни дејци, претставници на расколничките организации и Украинската грчко-католичка црква – не кријат дека предлог-законот е директно насочен против Украинската Православна Црква; дека целта на овој закон е ликвидација на нејзините заедници или присилното преместување во други верски организации. Стотици манастири, илјадници парохии и милиони православни верници во Украина ќе се најдат надвор од правниот поредок, ќе го загубат својот имот и местата за молитва.
Во периодот од 2014 до 2023 година, Светиот Синод на Руската Црква многу пати го забележуваше притисокот врз Украинската Православна Црква, што несомнено има обележја на државна антирелигиозна политика. Денешното усвојување на законот е доказ за немоќта на режимот, кој во текот на своето политичко постоење доследно, чекор по чекор, настојуваше да ја ослаби, подели и уништи Украинската Православна Црква.
Предводникот на Руската Православна Црква повеќепати се обраќаше до организациите на системот на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа, како и до лидерите на светските верски заедници, сведочејќи за прогонот на верниците во Украина. Иако многу експерти и организации за човекови права на Запад ги признаа прекршувањата на правата на верниците на Украинската Православна Црква, тоа не стана пречка за усвојувањето на предлог-законот кој ја уништува самата претстава за слободата на совеста и основните човекови права.
Постојаниот притисок врз Црквата е придружен со долготрајна клеветничка антицрковна кампања на украинските медиуми, насочена кон дефамација на канонското Православие, која предизвикува и оправдува масовни запленувања на храмови, нарекувани „доброволни преминувања“. Овие запленувања се организирани од поддржувачите на расколот и од радикалните националисти, со поддршка на локалната власт, специјалните служби и органите за спроведување на законот. Обично тие се придружени со насилство, масовни тепачки на свештенството и верниците. Исто така се преземаат запленувања и обиди за запленување на најголемите манастири на Украинската Православна Црква, присилно иселување на нивните жителите.
Продолжува директниот притисок врз Украинската Православна Црква, нејзиниот епископат и свештенството од страна на украинските специјални служби. Освен закани и уцени, овој притисок резултира со отворање на десетици фабрикувани кривични дела и неправедни пресуди врз политички основи. Многу архијереи и свештеници на Украинската Православна Црква се наоѓаат во притвор или добиле неправедни пресуди.
Во некои региони и населени места во Украина, локалните власти директно ги „забранија“ активностите на Украинската Православна Црква, присилно ги затвораат нејзините храмови, го спречуваат богослужењето и незаконски ги одземаат земјиштата под нејзините манастири, храмови и светилишта.
Не успеавајќи да ја ослабат канонската Црква во Украина, не успевајќи да го нарушат нејзиното единство, локалната власт направи чекор кон нејзина директна забрана.
Според својот обем и централизираната природа, оваа мерка може да ги надмине сите претходни историски репресии против Украинската Православна Црква, вклучувајќи го и прогонот во времето на Брестската грко-католичка унија, и е споредлива со таквите тажни историски преседани како: прогоните во Римската империја во времето на Нерон и Диоклецијан, таканаречената дехристијанизација на Франција за време на Француската револуција во XVIII век, атеистичките репресии во Советскиот Сојуз и уништувањето на Албанската Православна Црква во 1960-тите години од режимот на Енвер Хоџа.
Усвоениот предлог-закон е некомпатибилен со претставувањата за владеењето на правото, тоа е политичка декларација, чија цел е да се легализира уништувањето на религиозната заедница на мнозинството. Законот истакнува критериуми кои овозможуваат идентификација на група лица поврзани со Украинската Православна Црква за насочено да се спроведат политички репресии врз нив.
Со посебна горчина мора да се истакне негативната улога на Патријархот Константинополски Вартоломеј и неговите истомисленици. Со своите еднострани, брзи и спротивни на духот на светите канони дејствија, тие само го влошија црковниот раскол во Украина, наместо да го излечат. Раководството на признатите од Фанар расколници со посебна жестокост бараше усвојување на законот за фактичка забрана на Украинската Православна Црква. А Патријархот Вартоломеј, кој претходно јавно ги одобри кривичниот прогон и апсењата на нејзините архијереи и свештеници, сега, слично на првосвештениците Ана и Кајафа, отворено ја поддржа акцијата на државната власт, чија цел е распнување и уништување на канонската Црква во Украина. Константинополскиот Патријарх на тој начин лично одговара за организацијата на прогоните на верниците на Украинската Православна Црква.
Со силна увереност дека вратите на пеколот нема да ја надвладеат Црквата Христова (Мт. 16, 18), како што не ја надвладеаја ниту претходните најжестоки прогони; дека православните христијани во Украина со храброст и цврстина ќе ги пресретнат новите предизвици и ќе ги надминат со силата на Исус Христос (Рим. 8:37) – ги повикуваме сите православни верници во светот да ги засилат своите молитви за Украинската Православна Црква, која страда заради Божјото слово и заради сведоштвото за Исус Христос (Откр. 1, 9).
Се обраќаме до меѓународните организации за човекови права со повик итно и објективно да реагираат на очигледното угнетување на верниците во Украина.
Членовите на Светиот Синод побараа од Светиот Патријарх Московски и на цела Русија, Кирил, да испрати соодветни пораки до поглаварите на помесните Православни Цркви, до водачите на другите цркви и меѓухристијанските заедници, како и до раководителите и претставниците на меѓународните организации.