Изјава на Светиот Синод на Руската задгранична Православна Црква

Светиот архијерејски синод на Руската задгранична Православна Црква во Њујорк, САД, на својата интернет страница, на 5 јуни 2025 година објави „Изјава во врска со обновувањето на идеологиите од 20 век во Русија“. Оваа изјава е објавена во текот на посетата на Претстоителот на Руската задгранична Православна Црква, Митрополитот Источноамерикански и Њујоршки г. Николај на Светата Земја, каде што служеше заедно со уште еден член на Светиот Синот, Митрополитот Берлински г. Марко, за што известивме.

Во продолжение, оваа изјава ја пренесуваме во целост.


Светиот архијерејски синод на Руската задгранична Православна Црква смета дека е потребно да го крене својот глас од горчлива неопходност, бидејќи во време на криза и сè поголеми меѓународни конфронтации, делови од руската држава и општество зачекорија по крајно опасен пат: наместо промовирање на христијанско покајание и очистување, сведочиме, во одредени кругови, враќање на лажна, богопротивна идеологија што владееше во минатиот век. Тоа враќање е полно со штетни последици. Доколку продолжи, стравуваме дека современа Русија ризикува да биде сфатена како темна дамка меѓу народите, обележана со оживување на духовната корупција, наместо да биде сјаен светилник на православната вистина – повик што ѝ го дава нејзината долга историја на христијанска побожност.

Во 1981 година, нашата Руска задгранична Православна Црква ги прослави сите свети новомаченици и исповедници на Русија. Подоцна, Московската патријаршија го следеше овој пример, откако помина низ тежок пат во 20 век. Но, официјалните ставови во Русија кон нејзината историја во поново време се менуваат. Државниот документ „Концепт на државната политика за сеќавање на жртвите на политичката репресија“, кој се однесува на осудените за време на комунистичкиот режим, беше ревидиран во 2024 година,[1] со значителни измени во споредба со претходната верзија од 2015 година [2]. Овие промени не можат да не предизвикаат загриженост кај православните верници, бидејќи покажуваат сè поголема тенденција за оправдување на злосторствата на богоборечкиот режим од 20 век. Кога ревидираната верзија на овој документ беше спомената од еден државен советник на последната официјална седница на „Црковно-општествениот совет при Патријархот Московски и на сета Рус за празнувањето на новомачениците и исповедниците на Руската Црква“[3], претставникот на Руската задгранична Православна Црква веќе го постави прашањето за сериозните проблеми поврзани со ова и други понови трендови. Сега чувствуваме дека мораме и ние синодски да го кренеме својот глас.

Наместо трезвено размислување за суштината на злосторничкиот режим што ѝ нанесе безброј жртви на Русија со децении, наместо продлабочување на разбирањето и сеќавањето на народот за трагедијата што го снајде (задача што активно ја спроведува Црковно-општествениот совет), новиот документ „Концепт“ демонстрира назадување и тенденција да се скрати оваа духовно значајна тема. Претходната верзија, по многу прашања, ја отвораше вратата за покајание. Новата верзија ја затвора, токму преку премолчување и искривување на историјата.

Највидливо, оваа менталност се манифестира во изненадувачкото поставување на споменици на злосторнички фигури како Сталин и Ѕержински,[5] кои неодамна беа поставени во Москва, како да се оддава јавна почит на личности чии нечовечки и антихристијански злосторства се меѓу најтешките во 20 век, и во најавите дека идолопоклоничкиот мавзолеј на Црвениот плоштад не само што нема да биде отстранет, туку и ќе биде реставриран [6]. Истата тенденција се гледа и во вознемирувачката практика на поништување на веќе извршени рехабилитации на луѓе неправедно осудени во комунистичко време, вклучувајќи и свештеници. Сведоци сме на тоа како се одвива овој процес: рехабилитации од 1990-тите сега се прогласуваат за неосновани, без нови докази, без критичко разгледување – само преку потврдување на пресуди од сталинската ера [7]. Има докази дека веќе има илјадници такви случаи [8]. Ваквиот пристап не може да издржи ни правна проверка. Личности клеветени од советскиот режим, кои беа оправдани, сега повторно се фрлаат во бездната на историски лаги од тоталитарниот период – вклучувајќи и свештеници, чие побожно сеќавање сега се валка [9]. Освен тоа, ваквите дерехабилитации се спроведуваат тајно, што е уште еден алармантен знак, целосно во духот на богоборечките времиња. Како што вели Господ Исус Христос: „Зашто луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, бидејќи делата нивни беа зли. Зашто секој што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не се изобличат делата негови. А оној што твори вистина оди кон светлината, за да се види дека делата негови се направени во Бога“ (Јован 3, 19–21).

Ние добро го знаеме патот на црковниот народ што прво поради револуцијата, а потоа поради војната, беше принуден да ја напушти татковината. Тоа се нашите предци. Ја знаеме тешката трагедија на тие времиња и на тој век. Децении на ред и самите ја поднесувавме клеветата на безбожничкиот режим. И не се радувавме заради себе кога, иако горчливо, вистината стана достапна; туку затоа што знаевме – и знаеме – дека духот на лагата убива, и дека беше конечно победен. Не сакаме Русија повторно да падне под негово владеење.

Пример за карактерот на ова ново дејствување се виде кога еден познат професор, почитуван од мнозина во Русија, неодамна во медиумите изјави дека токму Цар Николај II ја уништил Русија и ја одвел во војна [10]. Таков можеби е неговиот личен став, кој целосно ја одразува болшевичката пропаганда од раниот 20 век; но за тие што знаат како се одвивало убиството во Екатеринбург, неговите зборови за Царот: „Јас лично би го застрелал“, звучат навистина застрашувачки. Проектот на отфрлање на духовната обнова и вистините стекнати преку прославата на новомачениците и исповедниците, а враќање кон лагите на едно минато време, станува сè почест. Жалиме што, и покрај заклучоците на комисијата за автентичноста на моштите на Царското семејство и нивните верни слуги, Московската патријаршија сè уште не е во состојба да даде јасна одлука за ова прашање.

Затоа го подигаме својот глас, за да дадеме јасност околу овој сериозен предизвик со кој се соочуваат православните народи, и стоиме подготвени да понудиме помош, молитва и поддршка во спротивставувањето на овие тенденции каде и да се појават. Ги повикуваме сите да ја препознаат својата вистинска историја, и оние надвор од Русија и оние во неа. Христијаните мора да живеат со отворени очи, а не заслепени од лажни замени за реалноста; мора да одат по патот на слободата и светлината, јасно откажувајќи се од темнината на минатото, наместо да тежнеат кон нејзино воскреснување и прославување. Веќе повеќе од еден век, нашата Руска задгранична Православна Црква чувствува дека ѝ е дадена посебна мисија – да стои во овој свет, ослободена од врски со каква било држава, партија или световна идеологија, и бескомпромисно да ја проповеда едноставната Вистина на Светото Православие. Оваа мисија денес, во 2020-тите, е подеднакво неопходна како што беше и во 1920-тите, и затоа ги повикуваме сите православни верници во сите земји да ни се придружат во спротивставување на овие загрижувачки импулси, да ги исправиме направените грешки и да се држиме до непроменливото Евангелие на спасението на светот.

[1] Промените на „Концептот“, одобрен од властите во 2024 година може да се најде тука: https://www.garant.ru/products/ipo/prime/doc/409134394/

[2] Оргиналната верзија на „Концептот“ од 2015 година е достапна тука: http://www.president-sovet.ru/docs/ normative_initiatives/kontseptsiya_gosudarstvennoy_politiki_po_uvekovecheniyu_pamyati_zhertv_politicheskikh_re-pressiy/

[3] «Церковно-общественный совет при Патриархе Московском и всея Руси по увековечению памяти новомучеников и исповедников Церкви Русской»; информација: https://www.patriarchia.ru/db/text/2674769.html состанок на 6 ноември 2024 година.

[4] За споменикот на Сталин подигнат во 2025 година: https://www.nytimes.com/2025/05/28/world/europe/stalin-image-moscow-subway.html и https://www.bbc.co.uk/news/ videos/cz63n6j7407o

[5] За повторното поставување на статуата на Ѕержински, архитектот на „Црвениот терор“ која претходно беше  поставена пред затворот Љубјанка, а отстранета во 1991 година, и повторно поставен пред Службата за странско разузнавање во 2023 година: https://www.theguardian.com/world/2023/sep/11/monument-to-founder-of-soviet-secret-police-unveiled-in-mo- scow

[6] За плановите за реставрација на мавзолејот: https://novayagazeta.ru/articles/2025/05/29/minkultury-za- kazalo-restavratsiiu-mavzoleia-lenina-chtoby-prisposobit-ego-k-sovremennomu-ispolzovaniiu-news

[7] Извештај за ова беше објавен во ноември 2024 година: https://re-russia.net/en/review/789/

[8] Истражување на Би-би-си од 2024 година: https:// www.bbc.com/russian/articles/c4gm2djdd0mo. Исто така и: https://www.kommersant.ru/doc/7166201?tg

[9] Таков е примерот со Митрополитот Јосиф (Чернов) кој служел во Руската Православна Црква 57 години, а скоро 20 години поминал во Советските логори, и е рехабилитиран во 1992 година. Во 2024 година е дерехабилитиран: https://www.facebook.com/100011220767459/posts/pfbid0CTWrMQeneukD5AmoXTKtJFwABAd- nherbcaHRkWAnpQ95EV1uu71gBsdZkTfmrEK8l/

[10] Јуриј Вјаземски, чие интервју може да се види на: https://rutube.ru/video/3759b81272ed1d- f34b5427d0ec6bdbf5/

Извор: https://synod.com/synod/2025/20250605_synodstatement.html