Ерусалимската Патријаршија на 13 мај годинава објави изјава по повод изборот на нов поглавар на Римокатоличката Црква. Во продолжение, оваа изјава ја пренесуваме во целост.
Изразуваме искрени честитки до Неговата Светост Папата Лав XIV по повод неговиот избор, и се молиме за него на оваа нова и значајна духовна мисија. Ова е важен настан не само во животот на Римокатоличката Црква, туку и за целиот свет.
Ги потврдуваме зборовите што Неговата Светост ги изговори во својот говор по изборот, каде што ја нагласи потребата од градење мостови, дијалог и средба како патишта кон мирот. Во свет исполнет со поделби, насилство, недоверба и очај, знаеме дека само преку вакви начини може да се изгради патот на мирот. Очекуваме значајно ангажирање на папата Лав во оваа итна задача, на која ние, како Ерусалимска Патријаршија, заедно со другите поглавари на Црквите во Светата Земја, сме посветени веќе долго време.
Исто така, со надеж гледаме кон продолжувањето на православно–римокатоличкиот меѓународен теолошки дијалог, кој досега беше многу плоден, а во кој нашата Патријаршија, како дел од православното семејство, останува посветена. Се молиме овој дијалог да биде патот по кој заеднички ќе чекориме кон единство и полна заедница во заеднички Путир.
Искрено се надеваме дека ќе го пречекаме папата Лав како поклоник во Светата Земја, како што ги пречекавме и неговите претходници, и уверени сме дека Неговата Светост ќе ја продолжи нивната долга и чесна традиција на поддршка и охрабрување на христијанското присуство во Светата Земја и поширокиот регион, во време на сè поголеми притисоци и предизвици.
Нека воскреснатиот Господ го просветли срцето и умот на папата Лав додека влегува во новата одговорност што Божјата Промисла му ја доверила.
Неговото Блаженство Теофил III
Патријарх Ерусалимски
Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/statement-on-the-election-of-pope-leo-xiv/