Епархијата на Буенос Аирес на Јужна и Центерална Америка на Српската Православна Црква упати повик до верните чеда на усрдна молитва за настраданите во разорниот земјотрес во западна Колумбија на 10 август 2026 година, во кој, според медиумите, досега загинале 265 лица, а речиси 3.500 граѓани на оваа земја биле повредени.
„Уште еднаш да ги упатиме нашите молитви кон Семоќниот Бог, овојпат за нашите браќа и сестри во Колумбија, кои, како што сите знаете, беа погодени од земјотрес. Да се помолиме за оние кои чекаат спасување, за децата кои минуваат низ исклучително трауматичен период, за спасувачите, за семејствата кои страдаат, за повредените во земјотресот, за сите настрадани. Нека Бог им се смилува“, се наведува во објавата на Епархијата.
„Некои можеби се прашуваат зошто Бог дозволил толку страдање, како во Венецуела, така и сега во Колумбија. Вистината е дека, како христијани, знаеме дека не е во наша моќ да одговориме на тоа прашање. Да не се прашуваме зошто се случило тоа, бидејќи тоа би било обид да ги испитуваме Божјите планови, нешто што е невозможно за нашето човечко разбирање. Бог рекол: ‘Зашто мислите Мои не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, колку е небото повисоко од земјата, толку се Моите патишта повисоки од вашите патишта, и Моите мисли од вашите мисли’ (Ис. 55, 8-9).
Сега имаме можност да избереме друг пат и да постапуваме во согласност со нашето христијанско име.
Пред да се запрашаме: ‘Зошто се случи ова?’, треба да се запрашаме: ‘Што треба да направам како христијанин во оваа ситуација?’ Одговорот е во Евангелието. Најнапред, молете се, имајте сочувство кон секој наш брат или сестра кои страдаат и споделете го тоа страдање со нив, бидејќи: ‘Радувајте се со радосните и плачете со оние што плачат’ (Рим. 12, 15).
Ако сте во можност, помогнете со прилози, а ако сте во близина, можете да помогнете на многу начини, токму како ‘Добриот Самарјанин’ (Лк. 10, 29-37), носејќи храна за оние кои ги изгубиле своите домови, за болните и за оние кои учествуваат во спасувачките акции, но и со волонтирање во акциите за спасување и помош.
Со кое било од овие дела – со молитва, прилог или помагање со сопствените раце – ќе постапуваме во согласност со нашиот христијански повик“, се наведува во повикот на епархијата на Буенос Аирес на Јужна и Центерална Америка на Српската Православна Црква.
