Архијереи и свештеници од пет православни јурисдикции во Америка се собраа во понеделникот, на 7 април, за да одбележат двојна радосна прослава — големиот празник Благовештение на Пресвета Богородица и 100-годишнината од упокојувањето на свети Тихон Московски.
Пред да биде повикан назад во Русија и да стане Патријарх Московски, свети Тихон неколку години беше на пастирска мисија во САД. Тој беше поврзан со основањето на многу храмови ширум Американскиот континент, вклучувајќи ја и Патријаршиската Катедрала „Св. Никола“ во Њујорк, каде што во понеделникот беше одбележана неговата стогодишнина.
Божествената Литургија ја предводеше Неговото Блаженство, Митрополит Тихон Вашингтонски и на Сета Америка и Канада, поглавар на Православната Црква во Америка. Нему му сослужуваа Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Николај Источноамерикански и Њујоршки, претстоител на Руската Задгранична Црква, Архиепископ Иринеј од Отава, Епископ Иринеј од Источноамериканската епархија на Српската Православна Црква, и Епископ Матеј од Сурошки, Привремен Администратор на Парохиите на Московската Патријаршија во САД и Канада, како и други свештеници од овие јурисдицкии, како што пренесува прес-службата на Патријаршиските Парохии.
Пред Светата Причест беше прочитано поздравното слово на Неговата Светост Патријархот Кирил Московски и на сета Рус по повод стогодишнината од упокојувањето на свети Тихон.
По Причестувањето, архијереите и свештениците отслужија молебен за празникот пред кивотот со дел од моштите на свети Тихон, кои годинава ќе бидат однесени во парохиите низ САД и Канада.
По службата, домаќинот Епископ Матеј Сурошки им се обрати на сите сослужители, велејќи:
„Денес, собранието на архиереи и свештеници од сите јурисдикции, под сводовите на Катедралата Св. Никола, изградена и осветена од Св. Тихон, го претставува наследството на целата многунационална и обединета православна епархија на Северна Америка, чиј поглавар повеќе од сто години беше токму Св. Тихон.
Трагичните околности на бурниот 20-ти век ги натераа нашите претходници да тргнат по различни патишта во развојот на црковниот живот во Америка и да поминат низ горкото искуство на заемно отуѓување и несогласување. Но, со Божјата милост и со молитвеното застапништво на Св. Тихон и на сите светители кои засветлија на американската земја, денес заеднички се причестуваме од една Чаша, во едномислие и братска љубов, и со едно срце и едни усти го славиме денот на почетокот на нашето спасение и блаженото упокојување на големиот светител на Христовата Црква, нашиот отец, Св. Патријарх Тихон.“
Митрополит Тихон исто така им се обрати на присутните, велејќи:
„Денес, кога го прославуваме празникот Благовештение и 100-годишнината од упокојувањето на светиот голем архијереј Тихон, Патријарх Московски, Просветител на Северна Америка, ми претставува голема радост да се наоѓам тука, во Катедралата Св. Никола — храм изграден со средства на св. Николај II и осветен од раката на самиот св. Тихон. Половина деценија св. Тихон ја раководеше Црквата во Америка од оваа катедрала.
Затоа е сосема соодветно што токму денес, на ова место, архијереите на Православната Црква во Америка стојат и сослужуваат заедно со архијереите на Руската Православна Црква. Наследството на свети Тихон е наше заедничко богатство — светол патоказ за нашите две автокефални Цркви: Московската Патријаршија и Православната Црква во Америка.“












