Во неделата, на 12 октомври 2025 година, во Соборниот храм во Темишвар беше отслужена свечена архијерејска Божествена литургија по повод канонизацијата на Свети Кирил, Исповедник Бездински и Далматинско-бокељски, чии мошти претходниот ден беа пренесени од Бездин во Темишвар, Романија.
Божествената Литургија ја отслужија високопреосвештените митрополити: Црногорско-приморски Јоаникиј, Будимски и Темишварски Лукијан и Далматински Никодим, со сослужение на бројно свештенство од повеќе епархии на Српската Православна Црква.
На малиот вход, при пеењето на тропарот, на архијереите им беше принесена икона на свети Кирил Бездински, што симболично го означи прифаќањето на култот на светителот кој потекнува од народот што прв го препознал и прославил на локално ниво. Потоа митрополитот Никодим ја прочита грамотата на Светиот архијерејски собор на Српската Православна Црква, издадена од Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, како сведоштво за вбројувањето на протосинѓел Кирил во ликот на светителите.
На крајот на светата Литургија, покрај моштите на новопрославениот светител и исповедник на верата, Кирил Бездински и Далматинско-бокељски, беа осветени славските дарови принесени во негова чест. Високопреосвештениот митрополит Лукијан им заблагодари на браќата архијереи Јоаникиј и Никодим и на сите им го честиташе празникот на новиот угодник Божји, кој со години наназад и од Србите и од Романците бил почитуван и славен како светител.
Ден претходно, на 11 октомври 2025 година, во параклисот на Преображението Господово во манастирот Воведение во Бездин, Романија, по повод почетокот на свечениот чин на канонизацијата на исповедникот на верата Кирил (Цветковиќ), беше отслужена света литургија од страна на високопреосвештените архијереи – Будимскиот и Темишварскиот Лукијан и Арадскиот Тимотеј од Романската Православна Црква.
На крајот на литургијата, согласно со востановената црковна практика, беше отслужен последен парастос за протосинѓел Кирил (Цветковиќ). При таа пригода митрополитот Лукијан и архиепископот Тимотеј се потпишаа на свечената грамота за канонизација, издадена од Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј.
Митрополитот Лукијан му заблагодари на архиепископот Тимотеј за љубовта што ја покажувал и покажува кон Српската Православна Црква и кон манастирот Бездин, особено за молитвената поддршка при канонизацијата на Кирил Бездински, како и за неговото лично присуство и претставување на Романската Православна Црква на почетокот на свеченостите. Митрополитот Лукијан му подари на архиепископот Тимотеј панагија како молитвено споменување на овој голем ден.
Свети исповедник Кирил Бездински и Далматинско-бокељски
Свети Кирил Бездински и Далматинско-бокељски е роден како Константин во свештеничко семејство во Баошиќ, во Бока, село на брегот што во времето на Млечаните припаѓало на Топаљската комунитади. Татко му се викал Јован, а мајка му Анѓа. Роден е во 1791 година, а крстен на 15 септември истата година во баошиќката црква Свети Никола, каде и денес постои натпис направен во 1899 година во спомен на тој настан. Потекнувал од свештеничко семејство: дедо му бил отец Симеон, двајца негови стриковци – Марко и Никола – биле свештеници, а синот на стрико му Марко, Алекса, исто така бил свештеник, како и неговиот син, Кириловиот братучед.
Главен извор за неговиот животопис е автобиографијата што ја напишал во австриските затвори, а ја објавил земунскиот парох протојереј Димитрије Рувариц.
Константин во 1798 година започнал училиште кај попот Мојсеј од Срем во родното село, но тоа траело само неколку дена. Подоцна, неговиот роднина Алекса, свештеник, отворил своја школа, каде што Константин продолжил со учење. Кога им изјавил на своите дека сака да се замонаши, татко му се противел велејќи дека е физички слаб. Но Константин ја искористил првата прилика и со помош на својот роднина, отец Алекса, бил однесен во манастирот Савина, каде на 25 мај 1805 година го запознал архимандритот Никанор Богетиќ и братството. Таму бил примен во братството, и покрај спротивставувањето на татко му.
Во Савина сведочел за сите значајни настани во Бока во времето на француската експедиција и руската интервенција под адмиралот Сењавин.
Во 1808 година бил замонашен и го добил името Кирил, по свети Кирил – Константин Философ. За ѓакон бил ракоположен во 1812 година, а за свештеник во 1815 година. Служел во Шибеник, каде како протосинѓел и секретар на епископот Венедикт Краљевиќ бил меѓу првите што ги разобличиле неговите унијатски намери.
Поради неговото противење на унијатството, бил уапсен и четири години минал во истражен затвор во Шибеник, а потоа осуден на 20 години тешка робија. Најдолго бил затворен во Градишка. На слобода излегол во 1846 година, но наместо да му биде дозволено враќање во Далмација или Бока, бил упатен во манастирот Бездин во Банат.
Таму, според белешките на игуменот Пантелејмон, првите три години ги минал во заточеништво во мала ќелија, по што останал како брат на манастирот. Се спомнува дека во 1852 година бил награден со право да носи црвен појас.
Здравјето му било разорено, а од писмото до неговиот внук Никола Цветковиќ од март 1857 година дознаваме дека бил свесен дека ќе умре надвор од татковината. Починал на 28 септември 1857 година и бил погребан во манастирот Бездин.
Подоцна сведоштва укажуваат дека бил погребан северно од манастирската црква, каде што подоцна исчезнал камениот крст што го обележувал неговиот гроб.
Во 2011 година, по одлука на Темишварската епархија, неговите мошти беа извадени и свечено положени во кивот во манастирската црква.



























