Канонизацијата на св. Макариј Протопсалт беше објавена на 27 октомври 2024 г., по Божествената Литургија отслужена за празникот на свети Димитриј Нови. Неговото преосвештенство Варлаам Плоешки, викарен епископ на патријархот и секретар на Светиот синод на Романската православна црква, го прочита Синодалниот Томос за канонизација.
По прогласувањето беше испеан тропарот на свети Макариј Протопсалт, а на верниците им беше подарена негова икона. Светиот синод на Романската православна црква донесе одлука за канонизацијата во 2023 година – прогласена за Комеморативна година на химнографите и на црковните псалти. Празникот на светителот ќе се слави на 31 август.
Житие: Свети Макариј Протопсалт
Јеромонахот Макариј живеел од 1763 до 1836 година. Во почетокот на XIX век бил ракоположен за јеромонах на митрополитскиот соборен храм во Букурешт и назначен за проповедник на царскиот дворец.
По барање од митрополитот Дионисиј Лупу, започнал да преведува црковни химни од грчки на романски. По големи напори, во Виена успеал да ги отпечати првите книги за црковна музика на романски јазик, во 1822 и 1823 година: Теоритикон, Анастасиматарион и Ирмологион.
Вториот том од Антологијата на византиски химни на романски јазик подоцна бил објавен во Букурешт, а ги содржи утрените химни за литургиската година.
Во 1829 година, откако свети Григориј Учител бил прогонет од неговата митрополитска катедра во Влашка, преподобниот Макариј Протопсалт, близок соработник на светителот, се повлекол во Јаши, каде што митрополитот молдавски Венјамин Костачи побарал од него да основа византиско музичко училиште, по примерот на она во Букурешт.
Во овој период, тој престојувал во манастирот Неамц, каде што основал музичко училиште. Во 1833 година, кога свети Григориј бил вратен на митрополитскиот трон, и Макариј се вратил во Влашка.
Поттикнат од митрополитот, Макариј го надгледувап печатењето на „Житијата на светите“ во манастирот Калдарушани. Во тоа време тој основал црковни музички училишта за монасите во манастирите Калдарушани и Циганешти. Во Калдарушани се сретнал со идниот старец Нектариј Протопсалт, кој подоцна престојувал во романскиот скит Св. Јован Претеча, на Света Гора.
Преподобниот Макариј Протопсалт го поттикнал младиот Нектариј да го изучува византиското пеење и денес Нектариј е на списокот за канонизација на Цариградската патријаршија.
Преподобниот Макариј Протопсалт се упокоил на 30 август 1836 година, во манастирот Вифората, каде што неговата сестра, мајка Јустина, која исто така била игуменија, се грижела за него во последните денови.
Извор: https://basilica.ro/en/canonization-saint-macarius-protopsaltes-father-of-romanian-chanting/