Клирик на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија доделена од Цариградската Патријаршија останува широко непризнаена во православниот свет), капеланот Сергиј Сиренко, неодамна даде интервју за украинскиот портал „Зеркало недели“.
Тој припаѓа на „Мисијата на ПЦУ“ во Варшава, која функционира без одобрение од надлежната помесна Православна Црква – Полската, за што Полската Православна Црква упати жалба до Цариградската Патријаршија, како што известивме.
Согласно на томосот доделен од Цариградската Патријаршија, делувањето на ПЦУ се ограничува само на територијата на Украина. Освен тоа, неовластеното упаѓање во територија која е јурисдикција на постоечка Православна Црква каноните на Православната Црква не го дозволуваат и го санционираат.
Сепак, капеланот Сергиј вели дека ПЦУ во Полска дејствува со знаење и одобрение на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Објаснува дека Украинците во Полска не сакаат да одат во локалните православни храмови, туку простор им отстапува Римокатоличката Црква со која имаат заеднички настани и молитви.
Во интервјуто капеланот Сергиј вели:
„Според Томосот доделен на ПЦУ во јануари 2019 година, Црквата нема право да отвора парохии надвор од својата канонска територија. Ние ги почитувавме тие ограничувања, па извесно време поранешните странски парохии беа во неизвесна состојба. Црквата не се откажуваше од нив, но требаше да се реши прашањето за нивниот канонски статус. По целосната инвазија ситуацијата се промени. Многу верници на ПЦУ се најдоа во странство како бегалци и имаа потреба од духовна грижа. Во некои земји воопшто немаше организирани украински парохии, а во други локалните Православни Цркви, за жал, не ја признаваат ПЦУ. Во Полска ситуацијата е токму таква. Украинците што дојдоа тука не секогаш сакаа да одат во локалните православни храмови и фактички останаа без духовна грижа. Затоа, по согласноста од Вселенски патријарх Вартоломеј беше донесена одлука да се создадат странски капелански мисии. Ние не сме парохија — туку мисија што обезбедува духовна грижа за верниците на ПЦУ во странство. Такви мисии има во многу полски градови, како и во Германија, Австрија, Чешка, Балтичките земји и др., но најмногу токму во Полска.“
Тој вели дека мисиите немаат привремен карактер и објаснува:
„Засега се зборува само за работа до крајот на борбените дејства. Но разбираме дека дел од верниците ќе останат во странство. Во случајот со Полска, ако Полска автокефална Православна Црква ја признае ПЦУ, нашите мисии едноставно би станале нејзини парохии. Ако тоа не се случи и верниците и понатаму имаат потреба од духовна грижа, мислам дека никој нема да ги остави без пастирска грижа.“
Говорејќи за местата за богослужба, тој вели:
„Кога беше донесена одлуката за создавање мисии, првото прашање беше просторот. Помош ни подаде Римокатоличка црква. Повеќето храмови каде служиме им припаѓаат на католиците. Тие од почеток ни дадоа простории и поддршка и сме им многу благодарни.“
Објаснувајќи за односот со римокатолиците, капеланот дополнува:
„Имаме многу заеднички настани. На Денот на независноста на Украина тие се молат со нас, а ние учествуваме во молитви на Денот на независноста на Полска. Две години заедно пееме божикни песни. Има и заеднички молитви за жртви од трагедии во историјата на двата народа. Тоа ги обединува луѓето.“
Вели дека ПЦУ во Полска има блиски односи со Унијатите и со Протестантите:
„Од почеток ни помогна локалната Украинска гркокатоличка црква — нивните свештеници ги информираа верниците дека постои православна мисија на ПЦУ. Имаме добри односи и со протестантите, не само украинските.“
