Кипарска Црква: Промена на уставот и забрана за свештенодејствие на митр. Тихик

Светиот Синод на Црквата на Кипар одржа две вонредни седници, на 8 и на 14 јануари 2026 година, под претседателство на поглаварот на Кипарската Црква, Архиепископот Георгиј.

Согласно со најавата која Архиепископот Георгиј ја даде во интервјуто за кое известивме, Кипарската Црква се подготвува за промена на Уставот, со цел да се ограничи учеството на народот во изборот на архијереите, и тоа да се сведе само на изборот на поглавар.

Во соопштението од седницата на 14 јануари се вели:

„Откако утврди постоење на нејаснотии и тешкотии во примената што произлегуваат од Статутот на Кипарската Црква, одлучи истиот да биде реорганизиран или повторно изработен од Редакциска комисија, составена од членови на Светиот Синод и за тоа специјализирани правници. Поради тоа, одлучи да се продолжи местобуљустителството (администрацијата) на светата Митрополија на Пафос под Неговото Блаженство Архиепископот на Кипар, со цел да се обезбеди доволно време за изработка и одобрување на новиот Статут од страна на Светиот Синод.“

Во врска со Митрополитот Тихик, кој беше разрешен од Кипарската Црква, а таа одлука ја потврди и Цариградската Патријаршија, како што известивме, по што тој најави дека правдата ќе ја бара пред граѓанскиот суд, Синод на Црквата на Кипар на 8 јануари изјави дека:

„Темелно го разгледа прашањето за разрешениот поранешен митрополит на Пафос Тихик, по едногласната потврда на својата одлука, која беше донесена на седницата од 23 мај 2025 година, од страна на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија.

Го зеде предвид одбивањето на поранешниот митрополит на Пафос да се усогласи со условите што му ги постави Светиот Синод на Кипарската Црква, како и со повиците за тоа од страна на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија.

Исто така, ги проучи неговите неприфатливи, од аспект на црковниот етос, постапки за обраќање до граѓанските судови, нешто што е осудено од Светите Канони.

Го разгледа немирот што го предизвикува со своите изјави и со мала група ’зилоти’ меѓу верниците.

Ја забележа неговата намера да создава поделби меѓу членовите на Светиот Синод, обраќајќи се одделно и различно до оние што го поддржале и до оние што ја поддржале неговата разрешница.

Одлучи да му ја изрече на поранешниот митрополит на Пафос Тихик казната неопределена забрана за свештенослужба (аргија) сè додека тој:

  • не ја поднесе конкретната Исповед на верата што ја побара Светиот Синод;
  • не ја повлече својата тужба или намерата за тужба пред граѓанските судови;
  • не го осуди одделувањето (апотеихизам) од Црквата;
  • не прифати нови должности во Светата Архиепископија на Кипар, кои ќе му бидат доделени од Архиепископот на Кипар; и
  • не престане да предизвикува вознемиреност и соблазна кај полнотата на Црквата“

Помеѓу останатите одлуки донесени на овие синодски седници е дозволата, од 2026 година и понатаму, да се врши светата тајна Венчание и во време на Божикниот пост, до 12 декември (по нов календар).

Потврдено е расчинувањето на клириците од манастирот „Св. Авакум“, а службите кои ги одржуваат се прогласени за ништовни, непостоечки и безблагодатни.

На крај, Синодот го одобри предлогот на Архиепископот Георгиј за составување и додавање во трите статии на Велики Петок молитвени химни поврзани со долгогодишниот кипарски проблем.

Извор: https://churchofcyprus.org.cy/102945