Кипарската црква побара објаснување од Александриската патријаршија за ракоположената жена во ѓаконски чин

Неодамна, во Александриската патријаршија, беше ракоположена жена во ѓаконски чин (за што известивме). Оваа постапка предизвика многу реакции и недоумици во православниот свет. Во тој контекст, на својата редовна седница одржана на 20 јуни 2024 година, Синодот на Кипарската црква одлучи да „побара да биде информиран од Александриската патријаршија во врска со канонската позиција на ’хиротонијата’ на жена во ѓаконски чин од страна на Митрополитот на Зимбабве“.

Освен тоа, Синодот одлучи да се отслужи Синодска Литургија на 20 јули 2024 година, по повод годишнината од турската инвазија на Кипар. Литургијата ќе се служи во привремениот катедрален храм на Киринејската митрополија, посветен на апостол Варнава. По Литургијата ќе следи молебен за ослободување на Кипар и молитва за пронаоѓање на исчезнатите.

Исто така, Синодот определи датуми за одржување помени:

„На 7 јули 2024 г. за националниот маченик Архиепископ Кипријан, и за убиените со него;

На 14 јули 2024 г. за загинатите при предавничкиот пуч од 15 јули 1974 г.;

На 21 јули 2024 г. за загинатите при варварската турска инвазија;

На 4 август 2024 г. за Архиепископот и национален херој Макариј. На поменот, во манастирот ’Кику’, ќе началствува Кипарскиот Архиепископ Георгиј, во сослужение на Митрополитот на Кику и на Тилирија, како и на други архијереи“.

Извор: https://churchofcyprus.org.cy/92864