Кипарскиот архиепископ смета дека треба да се укине учеството на народот во изборот на архијереи

Во интервју за весникот „Филелефтерос“, поглаварот на Црквата на Кипар, Архиепископот Георгиј изјави дека смета дека треба да се укине учеството на народот во изборите на архијереи. Имено, во Црквата на Кипар и народот гласа при избор на архијереј. Архиепископот смета дека на тој начин влијание имаат и „вонцрковни околности“.

На прашањето: „Кои се најзначајните промени / реформи / новитети што ги замислувате и планирате за внатрешното, и не само внатрешното, функционирање на Црквата (духовно, административно, образовно, финансиско, синодско уредување и сл.)?“, Архиепископот Георгиј одговори:

„Навистина постојат празнини во Статутот, кои би сакале да ги исправиме. На пример: има премногу детали и многу одолговлекувачки одредби во врска со спроведувањето на црковната правда. Тука работите треба да се поедностават. Нешто што исто така нè засега е и вклучувањето на народот во изборот на архијереи. Со важечкиот Статут се вмешуваат вонцрковни околности и може да се поттикне непотребен фанатизам. Во исто време, во последните случаи видовме дека многу мал број верници излегуваат на гласање. На последните избори во Пафос гласале само 14 %, а на претходните архиепископски избори – 31 % на ниво на цел Кипар. Оттука, бараме еден среден пат.

На пример – и тоа е мој личен предлог во овој момент, без притоа да сум го изнел пред Светиот Синод – митрополитите и епископите да ги избира Светиот Синод, а постапката на учество на народот да се применува при изборот на Архиепископот, кој има и улога на водство на народот, пренесувајќи го и ставот на народот до Владата.“

Извор: https://www.philenews.com/kipros/koinonia/article/1662129/archiepiskopos-georgios-rizospastikes-tomes-sta-ekklisiastika-dromena-enas-arrostimenos-zilotismos-apili-gia-tin-ekklisia/